Животот на поранешниот премиер во Северна Македонија, Никола Груевски последниве три години изгледаше вака: бегалец од правдата во својата татковина и барател на политички азил во Унгарија, заштитен од унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Меѓутоа, со неодамнешниот избор на Петер Марки-Зај, конзервативен градоначалник на Вашархељ, за лидер на здружената опозиција во Унгарија, кој се смета дека има најдобра шанса да го порази долгогодишниот актуелен унгарски премиер на следните избори, што треба да се одржат во април 2022, политичката клима во земјата би можела да стане неповолна за Груевски, се наведува во анализа објавена на новинарската платформа „Репортинг Демокраси“.
Во анализата се потсетува дека Марки-Зај неодамна во објава на Фејсбук најави дека „ќе ги екстрадира криминалните мигранти кои ФИДЕС (партијата на Орбан) ги донесе во земјата: Никола Груевски од Северна Македонија, Заид Нафа од Јордан и други“
Но, како што се наведува во текстот, според правни експерти, за да му биде укинат статусот на Груевски како азилант и за негова екстрадиција ќе треба повеќе од политичка волја и тој процес би бил многу комплициран и долг.
– Во демократска држава базирана на владеењето на правото, ниту една влада, ниту еден премиер, немаат право некому да му го одземат статусот на бегалец, изјави Андрас Ледерер, претставник на унгарскиот Хелсиншки комитет, задолжен за мониторинг на човековите права.
Но, и покрај тоа, според авторите на анализата, постојат правни начини да му се укине статусот на азилант на Груевски, бидејќи Националниот генерален директорат за управување со странци на Унгарија, на секои три години ги проверува бегалските статуси.
– Тоа е всушност една нова процедура за азил, во која подносителот мора да докаже дека сè уште постојат причините поради кои му е одобрен азилот. Врз основа на доказите, властите може да одлучат дали ќе го продолжат азилот или ќе го укинат, објаснува Ледерер.
Во анализата се потсетува дека Груевски „стигна во Унгарија на 11 или 12 ноември 2018 година, за да избегне отслужување на двегодишна затворска казна“, по што уште истиот месец доби азил по итна постапка, која „многу критичари ја сметаа за мошне контроверзна и како личен гест на добра волја на Орбан кон неговиот политички сојузник“.
Неодамнешната анкета на Институтот за медиуми покажа дека околу 47 отсто од Унгарците сакаат промена на владата. На изборите во 2017 година опозициските партии собраа 51 отсто од гласовите, но не успеаја да го победат Орбан бидејќи не беа обединети.