Израел воено постигна сè што може против Хамас во Појасот Газа, а групата не е во состојба повторно да планира или изврши напад сличен на оној на 7 октомври, изјавија американски официјални лица за Њујорк Тајмс.
Сепак, официјалните лица тврдат дека никогаш нема да можат целосно да ја елиминираат групата и дека е неопходно да се направи договор што ќе обезбеди ослободување на преостанатите 115 заложници од Газа, и живи и починати, пренесува Тајмс оф Израел.
„Израел беше во можност да го попречи Хамас, да убие голем број нивни водачи и во голема мера да ја намали заканата што постоеше пред 7 октомври“, изјави за Тајмс генералот Џозеф Л. Вотел, поранешен шеф на американскиот CENTCOM.
Поранешниот висок функционер на ЦИА кој служел на Блискиот Исток, Ралф Гоф, рече дека Хамас во голема мера е исцрпен, но не и уништен, и дека Израелците можеби никогаш нема да можат целосно да ја уништат групата.
Пензионираниот израелски армиски генерал Јаков Амидрор не се согласува со ставот на функционерот и изјави за весникот дека Израел сепак мора да напредува во Газа.
„Ако Израел ги евакуира своите сили сега, за една година Хамас повторно ќе биде силен“, тврди тој, додавајќи дека на армијата и се потребни уште два или три месеци во централниот и јужниот дел на Газа.