Протестите „Србија против насилството“, кои се одржуваат еднаш неделно, добија замав од почетокот на мај, кога 18 лица беа убиени во два масакри – едниот во училиште во Белград, другиот во села во близина на Младеновац. Тие убиства предизвикаа бран граѓански бунт, што критичарите на лидерот на земјата, Александар Вучиќ, го нарекоа протест против „културата на насилство“ промовирана од владата и лојалните медиуми, пишува Њујорк Тајмс.
Синоќешниот протест, петти по ред и најголем досега, го зголеми притисокот врз Вучиќ да исполни барем дел од барањата на демонстрантите, анализира Њујорк тајмс.
„Овие барања вклучуваат разрешување на високи функционери и одземање на лиценците за емитување на дел од провладините телевизиски станици кои имаат лоша репутација дека на своите програми имаат насилни реални шоуа“ – пишува во текстот на Њујорк Тајмс.
Во анализата на весникот се пренесуваат и изјави на дел од учесниците во протестот.
„Доста е. Има доволно насилство, доволно омраза и заплашување, доволно понижување“ – им рече на собраните Зоран Кесиќ, сатиричар и телевизиски водител.
Протестите прераснаа во широк бунт против се поавторитарното владеење на Вучиќ, кој, како што анализира Њујорк тајмс, прво беше премиер, потоа претседател, а на власт е речиси една деценија.
„Вучиќ ја започна својата политичка кариера како радикален националист за време на балканските војни во 1990-тите, но во последниве години се обидува да се претстави како проевропски лидер кој сака Србија да ги оживее своите застојани напори за пристапување во Европската унија. Тој се спротивстави на воведувањето санкции против Русија поради нејзината војна во Украина“ – анализира Њујорк Тајмс.