Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во интервју за МИА информира дека се готови ревизорските извештаи како и извештајот од Министерството за култура за Агенцијата за филм и истите ќе бидат упатени до надлежните институции. Внатрешната ревизија во Агенцијата за филм беше извршена во текот на април и мај оваа година од Министерството за култура. Љутков неодамна информираше дека оваа Агенција должи некаде околу 11 милиони евра.
-Проблемот настанува кога после 2018 година, буџетот кој што бил некаде околу седум до осум милиони евра на годишно ниво, наеднаш паѓа на околу два и пол милиони евра. Бидејќи тие не можат да се помират со фактот дека власта го намалува буџетот, си продолжуваат со еден процес кој се вели вака: „на необезбедени средства во текот на наредната година, вие склучувате договори на двојно повеќе“. Ова значи, ако имате договор на два и пол милиони евра за следната година, вие склучувате договори на речиси пет милиони евра и тие ги провлекувате во текот на годините, вели Љутков.
Тој напомена дека сега се наоѓаме во ситуација кога четири филма кои што имаат склучено договори, имаат обезбедно услови и имаат законски рок од пет години да го реализираат филмот, а во оваа година им истекува законскиот рок.
-Агенцијата за филм ги нема тие пари за да ги покрие овие четири филма. Тоа се случувало низ годините. Ревизорските извештаи се готови, извештајот од Министерството за култура кој што е направен оваа година е готов и ние сите овие извештаи ќе ги упатиме да надлежните институции да можат да си ја бркаат својата работа и да видиме што е од тоа ќе излезе за да можеме да постапуваме понатаму. Јас како министер за култура не застанувам во овој процес ни на една ни на друга страна, мене ми е важна Агенцијата за филм, фокусот ќе ми биде таму и ќе гледаме да ги решиме тие проблеми, додаде Љутков.
Министерот најави и дека в петок ќе оствари средба со официјалните лица од Друштвото на филмски работници (ДФРМ), но тоа, како што рече, не може да донесе некакви промени.
-Закажана е средба за петок со официјалните лица од Друштвото на филмски работници, но тоа не може да донесе некакви промени. Јас ќе разговарам со нив. Логична постапка е нивното барање и логичен одговор е да се сретнам со нив, но мене не ми е фокусот Друштвото на филмски работници. Извештајот не треба да се фокусира и не се фокусира на Друштвото на филмски работници, едноставно се фокусира на работата на Агенцијата за филм, мене тоа ми е важно. Но, ако се утврди дека има неправилности во Агенцијата за филм по однос на Друштвото на филмски работници, тоа си е последица една по друга, така да јас тука не можам ништо да направам, додаде Љутков.