Љутков: Вевчанскиот карневал е национален бренд, да го негуваме и да ја одржуваме традицијата

Покрај министерот Љутков и градоначалникот Спасе Кочовски, карневалското дефиле го следеа и премиерот Христијан Мицкоски, заменик министерот за правда Ален Деребан, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, а меѓу присутните беше и претседателот на Федерацијата на европски карневалски градови Ларс Алгел.

Вевчанскиот карневал е многу важен не само за Вевчани, туку и за Република Македонија. Тој е национален бренд, нешто што е препознатливо не само во Македонија, туку препознатлив и интересен и за Европа и за целиот свет. Мора да го негуваме и да ја одржуваме и надоградуваме оваа традиција. Тоа го истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков пред официјалниот почеток на дефилето од Вевчанскиот карневал.

Важно за карневалот, според него, е критиката кон општеството и политичарите за корекција и подобро утре.

– Она што е многу важно особено за овие карневали, бидејќи доаѓам од професијата актер и театарот секогаш го критикува општеството. Ги критикува политичарите, ги критикува политичките ситуации. И овој карневал ја има истата улога, сега да ме критикува и мене, да го критикува општеството, да ги критикува политичарите, и тоа треба да го прифатиме многу позитивно. Со самата таа критика и ние ќе се подобриме во односот и спрема општеството и спрема граѓаните, рече Љутков.

Иако Вевчанскиот карневал имаше прекини во однос на финансирањето, тој вети дека зголемување на буџетот од година во година, со надеж дека манифестацијата ќе расте и ќе стане се посилен бренд за Македонија.

Покрај министерот Љутков и градоначалникот Спасе Кочовски, карневалското дефиле го следеа и премиерот Христијан Мицкоски, заменик министерот за правда Ален Деребан, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, а меѓу присутните беше и претседателот на Федерацијата на европски карневалски градови Ларс Алгел.

По традиционалните маски со оркестарот, зетот, невестата, ѓаволите и Глупавите Августи креативните вевчанци на хумористичен начин ја прикажаа релаксирачката атмосфера со играње фудбал во кабинетот на поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешните министри на ДУИ, кои со себе го носеа и куферчето од Државна лотарија на Македонија, а премиерот Христијан Мицкоски им даде црвен картон.

Низ вевчанските улици продефилира и екс директорот на УБК Сашо Мијалков со црвеното порше.

Вевчанци на сатиричен начин побараа и враќање на старото уставно име Република Македонија на личните документи, не го заборавија ниту бегството на екс вицепремиерот Артан Груби.

Дел од маските беше и бугарски администратор, како и Планетата на мајмуните, инспирирани од истоимениот филм.

Забавата беше збогатена со „Вевчанско вече“, како и карактеристични маски со чудовишта, принцези, снежни кралици, новогодишни елки…

Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските утре вечер во центарот на Вевчани.