Љупчо Палевски Палчо, осомничениот за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски ја помина првата ноќ во македонски затвор откако вчера беше екстрадиран во земјава.
По околу 5 месеци од неговото апсење во турскиот град Баликесир тој вчера беше спроведен во Скопје.
Со 4 цивилни автомобили на единицата за соработка со Интерпол тој беше транспортиран зад решетки во Шутка.
На Палевски во отсуство му беше изречен 30-дневен притвор.
Од Министерството за правда изразија благодарност до турските власти.
„Министерството за правда и министерот Кренар Лога изразуваат голема благодарност до турските власти, особено до министерот за правда на Република Турција , Јилмаз Тунч за нивната брза реакција и преземањето на сите мерки за екстрадиција на Љупчо Палевски. Целата постапка се спроведе во релативно краток период за неполни пет месеци.Ова е добар знак за општеството и порака дека правдата ќе ве стигне , каде и да сте!“ – соопштија од МП.
Покрај Палевски, осомничени се уште 4 лица меѓу кои и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој од неодамна е во домашен притвор откако Врховниот суд му го замени затворскиот притвор. Тој е осомничен дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка.
Телата на двете жртви беа најдени на 3 декември откако дел од осомничените ги открија локациите каде се закопани.