Поранешниот претседател на Словенија и основач на „Пријатели на Западен Балкан“, Борут Пахор, со поддршка на словенечкото Министерство за надворешни работи, лобира да ја преземе функцијата специјален пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, пишува словенечкиот весник „Дело“.
Според љубљанскиот весник, Министерството за надворешни работи оценило дека Пахор е соодветен кандидат за заземање на оваа важна и престижна позиција на Западен Балкан, што се смета за стратешка област на Словенија, па одлучиле словенечката дипломатска мрежа да му помогне на поранешниот претседател на републиката во неговата кандидатура, пренесува Бета.
Неофицијалните проценки се дека Пахор е соодветен кандидат кој ги исполнува условите да го пополни местото на Мирослав Лајчак, кому кон крајот на август му завршува вториот мандат на функцијата.
„Дело“ додава дека за функцијата специјален пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Пахор мора лично да се пријави до Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), што, според сознанијата на весникот, се уште не го сторил.
Пахор во декември минатата година го основа Институтот „Пријатели на Западен Балкан“, чија мисија, како што се најавува, е да помага и советува во врска со соработката на земјите од регионот со европските и меѓународните институции, како и во врска со соработката меѓу народите и државите од Западен Балкан.