Љубомир Фрчкоски поднесе оставка на местото амбасадор во ООН

Професорот Љубомир Фрчкоски поднесе Оставка на местото Амбасадор и Постојан претставник во ОН во Њујорк.

Фрчкоски оставката ја поднесе на Претседателката Гордана Силјановска – Давкова и за тоа го извести МНР.

Поранешниот министер за внатрешни работи, функцијата амбасадор во Њујорк ја извршуваше од 2021 година.

Фрчкоски неодамна беше повикан на разговор во МНР поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото, но разговорот со министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, се уште не е реализиран поради здравствени причини на Фрчкоски.

Фрчкоски не смета дека оставката на било каков начин ке се одрази на функционирање во техничка смисла на Мисијата, но може да влијае на реализацијата на проектот „Промоција на дијалог и медијација со цел превенција на геноцид и сличните злосторства (воени злосторства и злосторства против човештвото)“.

„Не мислам дека на било каков начин тоа ќе се одрази на функционирање во техничка смисла на Мисијата која и до сега работела само бирократско-технички. Но има, за жал, шанса да се направи голема штета и срам за државата во една конкретна смисла и по повод еден конкретен случај. Македонија го предложи овој проект во ООН кој беше прифатен. Проектот по наша иницијатива е прифатен и му е одреден буџет, што е многу ретко во ситуација на финансиска криза во ООН. Цел на проектот е да се создаде прирачник (Policy Paper) кој во наша чест како иницијатори на Проектот би се нарекол Скопје (Охрид) Policy Paper (во зависност каде би се одржала Првата Конференција за негово донесување). Прирачникот ќе содржи методологија и начин на работа и начин на составување групи во рамките на ООН за медијација при идентитетски конфликти низ светот кои можат да доведат до вакви злосторства при што медијацијата треба да помогне да се избегнат трагичните исходи. По донесувањето на прирачникот треба да се создаде листа од експерти – медијатори како и листа на точки и жаришта на вакви тензии каде ќе се понуди помош и посредување од страна на ООН. Финален чин на оваа фаза на проектот е Конференција на која би се дискутирало и усвоил овој Policy Paper и планот за акција, а која би се одржала во Скопје или Охрид“, вели Фрчкоски.

Фрчкоски вели дека министерот Муцунски не е запознаен со проектот, велејќи дека првиот човек на дипломатијата „има поважна работа во надворешната политика – да се занимава со сметките на амбасадите и амбасадорите“.

„Министерот за надворешни нема поим за оваа супер важна иницијатива на Македонија за која има патем куп известувања пратени од мисијата, но за која воопшто не се интересира и не комуницира. Тој има поважна работа во надворешната политика – да се занимава со сметките на амбасадите и амбасадорите. Ако оваа иницијатива пропадне поради изгубеност, незаинтересираност или лоша волја на министерот и министерството тоа ќе биде пропуштање на историска шанса за здрава промоција на земјата на клучните прашања во ООН и воедно срам за земјата која без континуитет и проценка на основа на ресентименти ја води својата надворешна политика и ја дезавуира својата политичка позиција на сериозен партнер“ – изјави Фрчкоски.