Јунајтед го потпиша најбогатиот договор во историјата на Премиерлигата
Манчестер Јунајтед имаше уште две години важечки договор со „Адидас“, но пред да дојде до било какви преговори со други познати компании, „ѓаволите“ се обврзаа на верност со брендот со кој ја обновија соработката во 2015-та година.
Клубот од „Олд Трафорд“ денеска го потпиша најбогатиот спонзорски договор во историјата на Премиер лигата, бидејќи од новата соработка со германскиот бренд ќе инкасира една милијарда евра.
Манчестер Јунајтед и „Адидас“ се пофалија дека потпишале нов десетгодишен договор кој ќе трае до 2035-та година, што значи дека англискиот великан ќе инкасира по 100 милиони евра по сезона.
Ова е најмоќниот и најбогат договор кој го склучил еден премиерлигашки клуб, а истиот ќе му донесе дополнителна стабилност на Манчестер кој и онака стои добро на финансиски план.
– Врската меѓу Манчестер Јунајтед и Адидас е една од најважните во нашиот спорт. Почнавме заедно во 80-тите и се споивме пак изминатава декада. Со нетрпение чекаме на периодот кој претстои, сакаме да го збогатиме нашето силно партнерство со нови идеи во декадата која претстои, – вели Ричард Арнолд, извршниот директор на Јунајтед.