
Осумдесет години од убиството на народниот херој Страшо Пинџур. Бројни делегации положија цвеќе пред неговата спомен биста, во дворот на спомен куќата во кавадаречкото село Ваташа. За неговиот живот и дело, говореше Натка Китева, кустос историчар во Музеј галеријата Кавадарци.
Таа потсети дека бил роден во Струмица на 5 март 1915 година, таму неговиот татко работел како учител. Потекнувал од видно револуционерно семејство од Ваташа.
Во Крагуевачката гимназија се изградувал како напреден младинец и револуционер. Таму во 1933 година започнал да го пишува својот дневник, во кој може да се прочита за неговите размислувања, за светот што го опкружува, за другарите, за љубовта. Покрај другото, во овој дневник запишал, „Јас ќе умрам млад, а мојот гроб нема да се знае“.
Во 1935 година, Страшо Пинџур се запишал на Правниот факултет во Белград. Многу брзо влегол во редовите на напредното младинско и револуционерно движење.Се вклучил во Друштвото на напредните македонски студенти „Вардар“, а во текот на 1936 година бил избран за негов секретар. Станал и член на Акциониот студентски одбор. Тој бил еден од основачите на македонското народно движење МАНАПО.
Поради неговата голема активност и агитација меѓу студентите и работничката младина, во мај 1938 година бил уапсен од белградската полиција и осуден на шест месеци затвор во Ада Циганлија.
За време на летниот распуст во 1939 година, Страшо Пинџур заедно со Ристо Михов, Ѓошо Бојаџиев и други истакнати револуционери ја формирале партиската ќелија на КП за Кавадарци, односно ја обновиле партиската организација, што по 1920 година, се наоѓала во длабока илегала.
По завршувањето на правниот факултет во декември 1940 година, неговата активност како револуционер уште повеќе се зголемила. На 26 март 1941 година дошол во Скопје и заедно со Кузман Јосифовски – Питу и Мирче Ацев, учествувале во демонстрациите против приклучувањето на Југославија кон Тројниот пакт. По окупацијата на Македонија, се наоѓал во Скопје, таму бил назначен за инструктор на ПК на КПЈ за Македонија, а од септември 1941 година бил член на Покраинскиот воен штаб. Тој бил задолжен да ја зајакне партиската структура, да формира нови месни комитети и воени штабови. Од јуни 1942 година, бил член на Главниот штаб на Македонија.
Есента 1942 година бил разбиен велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Страшо Пинџур и Мирче Ацев дошле во Велес да ја консолидираат работата на партиската организација.
– На 18 декември биле провалени од бугарската полиција во куќата на Јован Митрев, биле уапсени и спроведени во Областната полициска управа во Скопје. На четврти јануари 1943 година во Скопскиот областен затвор, како последица од силните измачувања од бугарската полиција, Страшо Пинџур умира. Било наредено уште истата вечер телото да биде однесено и закопано некаде на тајно место. Загинал на неполни 28 години. Така завршил животот на еден од најголемите револуционери и политички раководители на Македонија од времето на Втората светска војна. До денес не се знае каде е неговиот гроб, рече Китева.
Таа додаде дека, кога на 24 септември 1943 година на планината Кајмакчалан бил формиран Вториот баталјон во Македонија, името го добил по големиот револуционер и борец Страшо Пинџур. За неговата активност во организирањето на македонскиот народ во борба против фашистичкиот окупатор, Страшо Пинџур е меѓу првите прогласени народни херои во Македонија, на 29 јули 1945 година.
Пред присутните се обрати и актерот Диме Коцевски. Настапија и двајца ученици, македонската химна ја отпеа Ангел Димитров, а стихови рецитираше Македонка Арсова.