Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ќе испитува дали некој ги саботира нивните автобуси откако денеска изгоре еден од украинските автобуси во скопската населба Сопиште.
Во изјава за Телма, директорот на Јавното претпријатие Драги Кушовски вели веќе имаат одредени сознанија.
-Имаме одредени сознанија. Да видиме дали тие сознанија ќе ни се потврдат или не. Дали можеби некој намерно или ненамерно од разни нему познати причини може да придонесува за неколку пати да се случуваат вакви работи, смета Кушовски.
Во автобусот кој целосно изгоре денеска, се возеле десетина патници, а едно лице вдишало чад.
„Eдно лице вдишило чад и на местото му е укажана помош од екипа на Итна медицинска помош, а други повредени лица нема“, велат од МВР за Сител.
Една од патниците била и Лила Младеновска, која раскажа дека пожарот го го забележал возач на комбе кое се движело позади автобусот.
„Шоферот вика гориме. Се создаде паника. Почна да чади, имаше пламен. Среќа на шоферот му текна одма да ги отвори вратите и излеговме веднаш. Беше многу тесно. Една жена падна пред нас. Ние врз неа. Јас со торбите од пазар, ми останаа во автобусот, само да се спасам. Само што излеговме се слушна едно четири-пет пати како бомби. Пламен и чад имаше до горе. Страшно беше. Се возиме со автобуси крш. Крш! Колку пати на сред пат нè оставаат, а сега и живи ќе изгоревме. Беше за секунда да излеземе. Нозете ми се фатија, едвај излегов“, вели Младеновска.
Ова e трет случај во последните шест месеци. Во јули минатата година автобус на ЈСП се запали во Бутел. Тогаш причината беше електричната инсталација. Истиот месец, претходно, автобус од пожар настрада и на Железничката станица.
Еден патник вдишал чад, другите навреме биле евакуирани од автобусот што се запали