
ЈП „Комунална хигиена“: Лани собрани 21.995 кубни метри отпад од диви депонии, што поскоро закон за формирање комунална полиција
Подигнати и транспортирани биле вкупно 21.995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во скопските општини во текот на 2025 година, од страна на екипите на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје.
Подигнати и транспортирани биле вкупно 21.995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во скопските општини во текот на 2025 година, од страна на екипите на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје. Претпријатието нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје, се нагласува во денешното соопштение од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје..
Најголемо количество непрописно одложен отпад било отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
– Екипите на претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот „Никола Карев“ – „Пластичарска улица“, на аголот со улицата „Максут Садик“, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад, се посочува во соопштението.
Во текот на минатата година, еко-патролата на претпријатието врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад.
Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.