Добиваме доста сигнали дека емисари од другите етнички заедници им објаснуваат на нашите луѓе дека се Македонци, дека не се Бугари, дека никогаш немало Бугари.
Ова го изјави потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова на средбата со претставниците на бугарското национално малцинство во албанскиот град Елбасан, јавува 24 часа.
Потпретседателката им се заблагодари на друштвото „Бугарите во Албанија“ и на бугарската заедница за поканата.
Таа е трет ден во Албанија во пресрет на тамошниот попис.
Јотова ја истакнала долгата и сложена историја на Балканот и геополитичките интереси кои отсекогаш биле големи.
„За жал, волјата на другите често ги одредуваше границите овде и животот на луѓето. Се обидуваме да им ја објасниме оваа тешка историја на нашите европски партнери… Покрај нашата заедничка историја, денес нè зближуваат и заеднички проекти, заедничка иднина во името на младите“, рече Илијана Јотова.
„Сега на сите нас е да го заштитиме овој статус, кој и на албанските власти и на институциите во Бугарија им дава многу можности да можат да прават заеднички проекти. Вие сте нашиот природен мост меѓу двете земји. Училиштето треба да се прошири и да најде нова база, бидејќи секоја година бројот на деца се зголемува“, порача таа.