Јолевски: Оценивме дека Русковска треба да биде оддалечена од работа

„Ги ценевме сите жалбени наводи, го разгледувавме Решението, ги разгледаме сите работи, сите факти, сите околности за случајот и оценивме дека за време на кривичната постапка, со цел да се утврди фактичката состојба во врска со постапувањето при претресот, односно онаа анонимна пријава која се однесува на Финансиската полиција, јавната обвинителка, Вилма Русковска би требало да биде оддалечена од работа за да не влијае со своето присуство врз текот на постапката по тој предмет, а од друга страна да се утврди фактичката состојба по кривичниот предмет. Тие два предмета се меѓусебно условени и поврзани“.

Ова го изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски по денешната седница на телото со кое раководи на која едногласно беше отфрлена жалбата на обвинителката Вилма Русковска за нејзина суспензија.

Тој потенцираше дека, и покрај суспензијата на Русковска, Основното јавно Обвинителството за организиран криминал и корупција треба да ја продолжи и заврши постапката за она што се случувало од страна на Финансиската полиција. Изрази надеж дека Основното јавно Обвинителство во Скопје што побрзо ќе го заврши својот дел од работата, за ова оддалечување на Русковска да трае што е можно пократко.

„Основното јавно Обвинителство во Скопје што побрзо да заврши и ова оддалечување да трае што е можно пократко. Тие веќе собираат податоци и скоро ќе го завршат тој предмет, а со оглед дека оддалечувањето се однесува само за кривичната постапка додека ги обезбедат доказите од кои дел се обезбедени, а дел се побарани, мислиме дека ова оддалечување нема да трае долго време“ – истакна Јолевски.

Според него, несоработката меѓу основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција со јавниот обвинител, доведе до тековната состојба.

„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија до денеска нема добиено информација за сè она што се случувало во врска со претресот, ниту за доказите, освен она што тие го утврдиле при надзорот. За секој настан или пријавен, кој би побудувал интерес во јавноста, основните јавни обвинителства се задолжени да го известат јавниот обвинител, со цел координација во работењето. Овде не мислам да се меша во видот на одлуката, туку да биде запознат. На крајот на краиштата, хиерархијата наметнува таква комуникација. Во овој случај изостанала. Зошто било така, ќе се утврди во кривичната постапка. И ние сакаме да утврдиме зошто отсуствувала таква соработка меѓу основиот јавен обвинител со јавниот обвинител на Република Северна Македонија“ – порача Јолевски.