„Одговорно тврдам дека обвинителите не се под ничие влијание. Се разбира, станува збор и за интегритетот на јавните обвинители, секој од нас има посебен интегритет. Но, политиката и работењето на Обвинителството е тоа целосно да биде самостојно и политичарите и други центри на моќ да ги тргнат рацете од Обвинителството“.
Ова е одговор на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески по прозивките на денешните пратенички прашања во Собранието.
-Обвинителството, навистина, ако не е самостојно, нема да ги презема овие кривични дела и да ги истражува. Јас на кое влијание припаѓам? На ниедно. Припаѓам на професионалност. Можете сите обвинители во Републикава да ги прашате дека од првиот ден од моето именување се залагам и ја бранам самостојноста на јавните обвинителства. Јас одговорно ви тврдам дека обвинителите не се под ничие влијание. Се разбира, станува збор и за интегритетот на јавните обвинители, секој од нас има посебен интегритет. Но, политиката, работењето на Обвинителството е тоа целосно да биде самостојно и политичарите и други центри на моќ да ги тргнат рацете од Обвинителството“ рече Јовески.
Во врска со конфискацијата на имотот и поднесената кривична пријава против тројцата јавни обвинители, тој информира дека во овој предмет Обвинителството има кривични пријави и против други лица – физички лица и други правни лица.
„Оваа постапка е здружена во една постапка во која Обвинителството утврдува дали кај одредени субјекти кои биле надлежни за извршување на мерката конфискација, има определени прекршувања, има определени елементи на кривично дело“ смета Јовески.