„Да не се прифати понудената гаранција за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, беше ставот на Обвинителството во постапка што се водеше. Овој став произлегува од неколку причини. Не мало значење има и податокот дека за дел на имотот претходно е воспоставена хипотека од Комерцијална банка Скопје“. Ова во интервју за државната МИА го изјави државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
„Ставот на Обвинителството во целата постапка што се водеше по повод понудената гаранција за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, беше да не се прифати понудената гаранција од неколку причини. Обвинителството даваше негативни предлози затоа што процени дека нема увид во имотната состојба на обвинетиот и второ имотот којшто се нуди за гаранција се состои во недвижни предмети кои се нудат по исклучок, инаку гаранцијата по правило се полага во готови пари од една страна, од друга страна понудениот имот нема доволен квалитет за да може брзо да се впаричи“ – вели Јовески.
Тој потенцира дека укинувањето на мерката притвор е одлука на судот и затоа во овој момент не може да ја коментира.
„Обвинителството ги коментира тие одлуки во делот на правните лекови од една страна, а од друга страна јас се уште не сум ја видел одлуката, ниту образложението на донесената одлука“ – истакна Јовески.
Јовески појасни дека гаранцијата во основа се полага во пари, во вредности или во други драгоцености коишто лесно можат да се впаричат и дека висината на гаранцијата зависи од семејните и имотните состојби и личноста на обвинетиот. Според него, не мало значење има и податокот дека за дел на имотот претходно е воспоставена хипотека од Комерцијална банка Скопје.
„Во постапката Комерцијална банка Скопје даде согласност дека сака да биде доверител од втор ред, додека државата да биде доверител во делот на гаранцијата од прв ред, потоа таа согласност ја повлече и одново даде таква согласност. Со оглед на тоа што за одобрување на кредитите има посебна постапка и интерни упатства и процедури, а Народната банка се грижи за функционирање на банкарскиот систем во земјата, сметам дека Народна банка треба да испита дали со оваа согласност некој излегол вон рамките на своите службени овластувања, или пак се доведени во прашање интересите на другите комитенти на банката“ рече Јовески.