Јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески, не открива детали за основите на кои го донел Решението за оддалечување од функцијата на шефицата на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ЈО-ГОКК), Вилма Русковска. Од Јавното обвинителство за „360 степени“ велат основите се детално образложени во решението што ѝ е доставено на Русковска.
Во соопштението на обвинителството од пред два дена (16 август ’22) пишува дека Решението е донесено врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство и дека обвинителот се оддалечува од функцијата „додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител“.
Со оглед на ова, „360 степени“ постави прашање до обвинителството која конкретна кривична постапка ја имал предвид јавниот обвинител на РСМ кога го донел решението? Прашавме и ако станува збор за кривичната пријава понесена од Управата за финансиска полиција на 8 август 2022 г., зошто Јавниот обвинител на РСМ решил да ја искористи таа пријава како основа за донесување на Решението за оддалечување од функцијата, а не постапил на ист начин во многу други ситуации во кои се поднесувани кривични пријави против јавни обвинители?
Од обвинителството го добивме следниот одговор:
„Решението за оддалечување од функцијата е образложено и доставено до јавниот обвинител на кое се однесува. Во него се наведени основите за оддалечување и временскиот период во кој јавниот обвинител се оддалечува од функцијата. Со оглед на тоа што наведениот јавен обвинител има право на жалба на донесеното решение, Јавното обвинителство не е во можност да навлегува во деталите од донесеното решение. Сепак, истакнуваме дека образложението е поткрепено со конкретен опис на дејствијата заради кои ваквата мерка беше неопходна во конкретниот случај, особено имајќи ги предвид наодите од неодамна извршениот надзор и увид во постапувањето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Мерката – времено оддалечување од функцијата е предвидена во Законот за јавното обвинителство, каде во членот 81 стои дека ‘јавниот обвинител МОЖЕ да биде оддалечен од вршењето на јавнообвинителската функција за време додека трае кривична постапка против него или кога е поведена дисциплинска постапка’. За примена на оваа мерка Јавниот обвинител на Република Северна Македонија одлучува во секој случај поединечно, во зависност од специфичните околности и можноста за влијание врз постапките“.
Дисциплинска одговорност кај обвинител утврдува петчлена комисија која веќе функционира при обвинителството и одлучува за сите дисциплински постапки за обвинители. Според Законот, ако комисијата утврди дека е сторена дисциплинска повреда, ќе донесе решение и ќе изрече една од пропишаните санкции – за утврдена тешка дисциплинска повреда намалување на платата во висина од 15 до 30 проценти од месечната плата на јавниот обвинител во траење од еден до шест месеци или разрешување.