Јовески им дава шанса на синовите и ќерките на функционерите

Синовите, ќерките и сопругите на актуелни и поранешни функционери, обвинители и судии, кои вчера ги добија дипломите од Академијата, веќе конкурираа на огласи за вработување.

Синот на претседателот на собранието, Талат Џафери, познат по скандалот со полагањето на правосуден испит пред да дипломира, како и сопругата на Ислам Абази, раководителот на Обвинителството за Организиран криминал, се најголеми фаворити за влез во правосудниот систем, но тоа за Републичкиот јавен обвинител не е ништо спорно.

„Лицата кои ги спомнувате учествувале на огласот за упис во Академијата на судии и јавни обвинители на кој има многу строги критериуми, покажале соодветни резултати и биле примени во Академија, со успех ја завршиле и според тоа јас апсолутно не гледам никаква причина да се фрла сомнеж на овие млади луѓе. Вчера беше нивната промоција во салата на Врховниот суд. На овие млади луѓе им ја предочив одговорноста со која се соочуваат, на тежината на носењето на судската и на обвинителската тога, на одговорноста, но истовремено и на гордоста да се носи тогата“ – изјави Јовески.

Според него, на овие луѓе треба да им се даде шанса.

„Уште еднаш да бидам јасен, на овие луѓе треба да им се даде шанса, тие луѓе завршиле соодветно образование и ги исполнуваат сите законски услови да можат во соодветна постапка да бидат избрани за судии и јавни обвинители. Советот на јавни обвинители имаше распишано оглас, јас немам информација кој сè се има јавено на овој оглас, а вчера разбрав дека и Судскиот совет распишал оглас за пополнување на упразнети места во судовите во државата“, рече Јовески.

Покрај Џафери и Абази, дипломи вчера земаа и Симона Муцунска, сопруга на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, која се подготвува за судијка, Јетмир Беџети, син на судијата во Апелацискиот суд, Енвер Беџети, Билјана Иванова, снаа на генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, Билјана Смаќоска, ќерка на пензионираната обвинителка Гордана Смаќоска, Драган Јосифовски, син на обвинителката Елизабета Јосифоска, која своевремено ѝ беше заменичка на Катица Јанева во СЈО.