Разрешениот директор на Кардиологија, Сашко Јовев, вели дека добил голема поддршка од заменик-министерката Маја Манолева која имала многу состаноци на кои го подржала, а добил поддршка и од СДСМ, но сепак тврди дека разрешувањето не тргнало како политички реваншизам. Почнало како суета, но за Јовев е очекувано да се претвори во политички пазар.
„Јас сметам дека не сум жрва на политички реваншизам, но ова веќе може да пресане во такво нешто. Иницијалната каписла воопшто не е политика. Иницијалната каписла може да е некоја суета, некое недоразбирање, апсолутно. Како таа оди нагоре, сакаат да жртвуваат некој што направил нешто во овој живот и за оваа држава, јас 25 години се трудев да отворам кардиохирургија, многу генерации наназад ја создаваа оваа држава. Ние имаме чесно и интелектуално портфолио и не може да си играте играчки со такви луѓе. Воопшто не почна политички, како се егзацербира, веќе може да има некој, за мене, беспотребен политички пазар“, рече кардиохирургот Јовев.
Тој синоќа на прес-конференција пред Клиниката се посомнева дека е сменет бидејќи за настанот од 27 мај на кој се пофалија со хибридна операциона сала за брзо оздравување на пациентите, згрешил во протоколот. Министерот Меџити се почувствувал навреден оти прво бил поканет премиерот Димитар Ковачевски, а потоа тој, ккао министер за здравство.
Адвокатот на Јовев, Мите Михајловски, најави тужба по решението за разрешувањето во кое е образложено дека единствена причина за смената се листи за исплата на дежурства од 2022 година без потпис на министерот. Адвокатот Михајловски смета дека одговорноста што немало согласност за исплата на дежурствата не е на директорот туку токму на министерот.