Јовев веќе го потпишал решението за негово разрешување од директорската позиција на кардиохирургија

Со потпишувањето на решението, Клиниката за кардиохирургија остана без медицински менаџер, а професорот Јовев во вчерашното гостување на ТВ Сител рече дека засега ќе остане на кардиохирургија иако веќе добил понуди од странство, објави 360 степени.

Кардиохирургот Сашко Јовев за МИА потврдил дека вчера го потпишал решението со кое беше разрешен од директорската функција на Клиниката за кардиохирургија од страна на министерот за здравство Фатмир Меџити, но додава дека неговиот правен тим од утре ќе одлучува дали и кога решението ќе биде обжалено.

Јовев, кој беше разрешен од позицијата директор на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, пред неколку дена на прес-конференција рече дека во последниот период бил изложен на големи притисоци и дека причината за неговото разрешување, како што е наведено во решението, се две дежурства во 2022 година за кои не добил согласност од тогашниот министер за здравство.

Тој смета дека не е жртва на политички реваншизам, но неговото разрешување, како што рече, веќе преминува во такво нешто. Министерот Фатмир Меџити, пак, рече дека апсолутно не стои политика зад разрешувањето на директорот на Клиниката за кардиохирургија, Сашко Јовев.

На новинарско прашање за преиспитување на одлуката, пред неколку дена Меџити изјави дека „кога министерот носи одлука, таа не се преиспитува“ и дека „тоа е апсолвирано прашање“, повторувајќи дека има голема почит кон професорот Јовев. Докторот, пак, изминативе денови доби огромна поддршка од персоналот во болницата и од пациентите кои се побунија против неговото разрешување, по што доби понуда од министерот да биде негов национален советник за кардиохирургија.

Установата со која раководеше професорот Јовев засега нема медицински менаџер, а докторот во вчерашното гостување на ТВ Сител рече дека засега ќе остане на кардиохирургија иако веќе добил понуди од странство.