Јовановски: „Меѓународен сојуз“ не доби ниту еден денар државни пари

Пресудата за предметот „Меѓународен сојуз“ ќе биде објавена на 7. април 2022 година.

Бојан Јовановски – Боки 13 кој е првообвинет во случајот „Меѓународен сојуз“ денеска во Основниот кривичен суд – Скопје во завршните зборови рече дека е горд што бил претседател на невладината организација „Меѓународен сојуз”, која,според неговиот исказ, не добила ниту еден денар државни пари, туку финансирањето било од бизнис секторот.

„Поддршката од Владата, од Зоран Заев како премиер, ја имав од првиот ден на формирањето на „Меѓународен сојуз“. Дека Зоран Заев бил информиран и дека знаел за активностите и проектот е неспорен факт. Во судот беа спомнувани 719.350 илјади евра и други цифри, а никаде не видовме некаков доказ“ рече Јовановски.

Идејата за изградба на старечки дом, како што рече тој, ја добил во разговор со бизнисменот Силјан Мицевски.

„Во Скопје, Охрид и Гевгелија или Дорјан. Тие беа трите точки каде требаше да се изградат старечките домови. Проектот беше по мотив, волја, желба на бизнисменот Мицевски. И тоа на негово земјиште во Битола, за кое беа платени комуналии за зграда. Сакаше таму да гради“ – рече Јовановски.

Во завршните зборови посочи дека од бизисменот Адријан Амзоски примил 350 илјади евра во готовина и дека за тоа не знаеле Фросина Ременски и Јасна Мандиќ – Ерцеговиќ, туку дека со тоа биле запознати Зоран Заев, Александар Кирацовски и Стефан Богоев.

Првото рочиште за овој предмет се одржа на 1 јули 2020 година. Судењето за случајот го води судијката Софче Гаврилова – Ефремова, а застапник на денешното рочиште на Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е јавниот обвинител Трајче Пеливанов.

Според обвинителниот акт, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Адријан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку „Меѓународниот сојуз“ на Бојан Јовановски – Боки 13 и ги оштетиле со повеќе илјади евра.

Првообвинет во овој предмет е Бојан Јовановски – Боки 13, кој според обвинителниот акт е обвинет за кривичните дела „измама и перење пари”.

Пресудата за предметот „Меѓународен сојуз“ ќе биде објавена на 7. април 2022 година.