Новинарот Борјан Јовановски во подкастот Политиканти се осврна на очекувањата од новата власт во Македонија, особено во делот на реформите во правосудството и во надворешната политика.
„Тешко е да се предвиди како ќе се однесува новата власт исто како што е тешко да се предвиди како ќе се однесуваат кон Преспанскиот договор. Го слушам Мицотакис кој вели дека Македонија веќе е изолирана, што точно сака да каже со тоа и дали тој има некакви информации од Вашингтон и Брисел, кој патем речено се и гаранти на Договорот. Прашање е дали функционерите од ВМРО-ДПМНЕ ќе се задржат на ова сегашно толкување дека е индивидуално право да ја ословуваат државата како Македонија или ќе одат кон она што е обврска од Преспанскиот договор, која вели дека ти си институцијата што ја претставуваш а не си само Гордана Сиљановска“ рече тој.
Јовановски посочи дека институциите се обврзани за почитување на Преспанскиот договор кој е влезен во македонскиот правен систем.
„Кога си избран функциониер, ти зборуваш во име на институцијата, а институцијата е обврзана со Договорот од Преспа“ заклучи Јовановски.