Јовановиќ: Со новите задолжување ќе треба да платиме 300 милиони евра камати за една година
Постојат два загрижувачки индикатори поврзани со ребалансот на Буџетот за 2024 година што новата Влада го објави минатата недела за економистот и аналитичар Бранимир Јовановиќ.
Првиот е дека јавниот долг до крајот на годината ќе достигне 68% од БДП, а вториот е дека ќе треба да враќаме скоро 300 милиони евра во камати.
За ребалансот на Буџетот, проекциите за економскиот раст, задолжувањето на државата кај Унгарија и други економски теми Јовановиќ, кој е дел од тимот на реномираниот Виенски институт за меѓународни економски студии, зборува во интервју за „Независен весник“.
„Јавниот долг на крајот на годината ќе достигне 68% од БДП, од 58-те проценти колку што изнесувал на крајот на првиот квартал. Таков раст, од 10 процентни поени, во рок од една година, Македонија имала само еднаш – за време на пандемијата. Со тоа што тогаш знаевме зошто се земаат тие пари – за да се справиме со пандемијата, за да им се помогне на фирмите и слично, а сега тоа не го знаеме“, вели Јовановиќ.
Во однос на тоа колку високи камати на кредити ќе треба да плаќа Македонија, Јовановиќ вели дека по времето на владеење на Никола Груевски и по пандемијата, сега ќе достигнеме повторно рекордно високо ниво.
„За камати на кредити оваа година ќе дадеме скоро 300 милиони евра. Тој износ пред да дојде Груевски изнесуваше околу 40 милиони евра, во негово време се зголеми на 140 милиони, потоа во првите неколку години од владеењето на СДСМ дури и малку се намали, на 120-130 милиони, за потоа со пандемијата пак се зголеми на околу 200 милиони, и еве сега ќе достигне и 300 милиони. Само за споредба, тоа се повеќе пари отколку што даваме за сите социјални надоместоци за сиромашните во државата“, појаснува Јовановиќ.