Јовановиќ: Ако се остварат најавите на Трамп за царини за Кина и ЕУ, тоа ќе значи трговска војна
Тоа, како што вели Јовановиќ, ќе значи повисоки цени на увозните производи, помал увоз и извоз, повисока инфлација и пониска економска активност. - Во колкава мера, ќе зависи од тоа до каде ќе одат работите, ама во некое благо сценарио, моделите покажуваат дека глобалниот раст би забавил за околу 0,3 процентни поени, а во полош случај, за цел поен. Со оглед на тоа што светскиот БДП е околу 110 трилиони долари, тоа значи дека цената на трговската војна би била помеѓу 350 и 1100 милијарди долари годишно, вели Јовановиќ во изјава за МИА.
Доколку се остварат најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за царини за Кина и Европа, според универзитетскиот професор од Виенскиот институт Бранимир Јовановиќ, тоа ќе значи почеток на трговска војна бидејќи веројатно е дека и Кина и Европската унија ќе одговорат со слични мерки.
Тоа, како што вели Јовановиќ, ќе значи повисоки цени на увозните производи, помал увоз и извоз, повисока инфлација и пониска економска активност.
– Во колкава мера, ќе зависи од тоа до каде ќе одат работите, ама во некое благо сценарио, моделите покажуваат дека глобалниот раст би забавил за околу 0,3 процентни поени, а во полош случај, за цел поен. Со оглед на тоа што светскиот БДП е околу 110 трилиони долари, тоа значи дека цената на трговската војна би била помеѓу 350 и 1100 милијарди долари годишно, вели Јовановиќ во изјава за МИА.
Што се однесува до Македонија, главниот ефект би бил преку намалената економска активност во ЕУ, што ќе се одрази на македонскиот извоз. Во таков случај, Јовановиќ очекува забавување на економскиот раст, но не и рецесија.
– Со оглед на тоа што автомобилската индустрија веројатно прва би се нашла на удар на царините, а македонскиот извоз во ЕУ во голем обем е во оваа дејност, ефектите веројатно би биле нешто поголеми отколку за глобалниот раст. Но, сепак не би очекувал да дојде до рецесија, поверојатно е дека растот би забавил за 0,5-1,5 процентен поен, односно, наместо БДП да расте 3 проценти годишно, би растел 1,5-2,5 проценти, појаснува Јовановиќ за МИА.
Јовановиќ посочува дека Трамп долго време најавува дека ќе воведе царини, и за ЕУ и за други држави, но вели дека според она што го прави во првите неколку денови, се чини дека царините ќе ги користи како средство за остварување други цели.
– Конкретно, ќе бара ЕУ да купува повеќе оружје, нафта и гас од Америка и ќе уценува дека ќе воведе царини доколку не дојде до тоа. Според досегашните изјави на европските политичари, се чини дека повеќето од нив се согласни да го направат тоа, што е своевидно клекнување на колена пред Трамп, ама веројатно би ја спасило ЕУ од царини, барем на некое време. Прашањето е до кога би можело да оди така, и мислам дека нема да може долго, затоа што Трамп постојано ќе има нови барања, што луѓето во Европа нема да можат да го поднесат. Затоа сметам дека е само прашање на време кога царините ќе бидат воведени, и на ЕУ и на Кина, и на други земји, вели Јовановиќ во изјавата за МИА.