Јеремиќ: По посетата на Фон дер Лајен, нема сомнеж дека француско-германскиот план значи признавање на независноста на Косово

Претседателот на Народната партија на Србија, Вук Јеремиќ оцени дека по посетата на претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен на Белград, веќе нема сомнеж дека француско-германскиот план значи признавање на независноста на Косово. .

Јеремиќ на телевизија „Инсајдер“ изјави дека веќе нема место за такви сомнежи и дека Фон дер Лајен „експлицитно им кажа на медиумите сред Белград дека тоа е план за признавање на независноста на Косово“.

Тој оцени дека изборите се последна шанса за промена на досегашниот политички курс, бидејќи, како што рече, Србија е на пат да го реализира тој план.

Според неговите зборови, Србија не треба да се приклучува кон конфликтите на големите сили, туку треба да биде воено неутрална, како и да не воведува санкции за никого, освен оние што ги усвои Советот за безбедност на ОН.

Јеремиќ го гледа воведувањето задолжителна воена служба како важен услов за одржување на воената неутралност.

Говорејќи за економската програма на Народната партија, Јеремиќ рече дека партијата го поддржува враќањето на државниот суверенитет во стопанството преку посилна контрола на финансискиот сектор од страна на државата и формирање на државна развојна банка.

Тој оцени дека на Србија и требаат високи технологии и како пример за шанса ја наведе индустријата за микрочипови, која, според него, од Тајван се сели во Европа и Африка.

Говорејќи за образованието, Јеремиќ рече дека Народната партија смета дека државата треба целосно да ја преземе одговорноста од странските издавачи за издавање учебници за основните и средните училишта.