Јанша: Руската армија никогаш нема да го заземе Киев

Руската армија никогаш нема да го заземе Киев“. Ова доцна синоќа го изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша, осврнувајќи се на впечатоците од неговиот престој во Киев, во вторникот. Јанша кажа дека тоа е посета на охрабрување на украинското раководство.

„Првенствено, посетата беше демонстрација дека не ја отпишавме Украина“ – нагласи Јанша, додавајќи дека многу дипломати, претставници на меѓународни организации и корпорации се повлекле од главниот град на Украина уште пред рускиот напад врз Украина.

„За нив тоа беше знак дека не се отпишани, дека не се работи само за поддршка од далеку, туку дека некој верува дека ќе се бранат и ќе победат“ – додаде Јанша.

Според него, нападите врз центарот на Киев се релативно ретки и градот не е опколен.

„Киев е напаѓан од исток и од запад, но силите што го напаѓаат градот се премногу слаби за да го освојат. Руската армија никогаш нема да го освои Киев“ – рече премиерот на Словенија.