Јанкулоска има одмор од „Идризово“ од 5 дена, потврдија од затворот

„Средба силна колку Горде. Неправдата никогаш не нè скршила!“. Со овие две реченици претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот официјален фејсбук-профил ја обележа фотографија на која се тој и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Таа, како што потврдија за МКД.мк од затворот во Идризово има одмор од 5 дена кој важи од денес, па до вторник кога треба да се врати назад во затворот.

Со измена на Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи, жените-затворенички од „Идризово“ почнаа со користење право на викенд отсуство. Погодностите се користат по потреба, на барање на затвореничките и досега е одобрено за пет жени, меѓу кои и за поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Таа прв пат на викенд отсуство излезе на 1 јули годинава.

За Гордана Јанкуловска се водеше издвоена постапка во случајот „Тенк“ поради нејзината бременост и породување за време на постапката. Таа беше правосилно осудена на 28 март 2019 година, па набрзо потоа Основниот кривичен суд од Скопје ѝ достави упатен акт за издржување на четиригодишнатa казна затвор. Јанкулоска го обжали решението и доби кратко одложување до средината на летото, односно до моментот кога нејзиното новороденче би наполнило една година.

Јанкуловска на крајот на септември, 2020 година беше спроведена во затворот во Идризово на издржување на затворската казна од 4 години за набавката на мерцедесот во случајот познат како „Тенк“.

Откако Комисијата за антидискриминација утврди дека затвореничките од женски пол се дискриминирани со Правилникот во „Идризово“, тој беше променет од Управата за извршување санкции и Министерството за правда.

Со измените на Правилникот за распоредување, класификација и разместување, донесен од страна на Министерството за правда и Управата за извршување на санкции, затвореничките ги добија истите погодности како и машките затвореници.