Јанев од „Бугарски подем“: Подготвени сме за коалиција со секого

Лидерот на партијата „Бугарски подем“ која влегува во состав на новиот парламент во Бугарија и поранешен технички премиер, Стефан Јанев, за бугарската Нова ТВ изјави дека неговата партија е подготвена за коалиција со секого, сè додека сметаат оти тоа е во интерес на граѓаните.

„Можеме да прифатиме секаков вид на коалиција што е во интерес на бугарските граѓани. Секогаш сум велел дека овој тип на коалиции треба да се базираат на приоритети, јасни правила и односи“,
посочи Јанев одговарајќи на прашање дали неговата партија ќе коалицира со ГЕРБ доколку добие покана.

Партијата на поранешниот технички премиер на Бугарија Стефан Јанев влезе во парламентот со 4,63 отсто освоени гласови. Според проекциите што ги направи агенцијата „Тренд“ „Бугарски подем“ на Јанев би имала 12 мандати во 48. состав на Националното бугарско собрание. Бугарскиот парламент брои 240 пратеници, а за да се формира мнозинство потребни се 121 пратеник.