Јанев: Одземената количина на кокаин припаѓа на групата на Раде Штекли

- Нема непобедливи криминални структури – тоа го потврдуваме со секој нов успех и го разбиваме митот за непобедливоста на одредени поединци, напиша Јанев.

Директорот на на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев вчера на својот Фејсбук профил информираше дека одземената количина на кокаин припаѓала на нарко групата на Раде Трајковски-Штекли.

„Откриени и одземени над 4 кг кокаин од групата на Штекли. Упорноста и професионализмот се клучни за успешната истражна работа. Во координација со Јавен обвинител, продолживме со активностите против криминалната група на Штекли, и при дополнителни дејствија, по само нецел месец од разбивањето на групата, повторно е пронајдена и одземена дрога од истата криминална банда. Продолжуваме со нашата посветеност во борбата со недозволена трговија со дрога. Нема непобедливи криминални структури – тоа го потврдуваме со секој нов успех и го разбиваме митот за непобедливоста на одредени поединци“, напиша Јанев.

ОЈО претходно информираше дека за двајцата приведени побарани се притвор и куќен притвор.

„Како резултат на материјалните и видео докази, обезбедени при претресите во акцијата што под раководство на јавен обвинител беше спроведена на 18 и 19 јануари годинава, во текот на денешниот ден од слобода се лишени две лица. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на психотропни супстанци и прекурсори“, информираше Обвинителството.