Јаневска: Подолг престој во училиште за повеќе знаења, но и за повеќе спорт и воннаставни активности

Продолжувањето на времето на престој во училиште е важно за да се подобри квалитетот на знаењата на учениците. Наставниците ќе можат подетално да навлезат во она што го предавале, ќе има повеќе време за индивидуален пристап кон учениците на кои им треба дополнителна, но и на оние на кои им треба додатна настава. Исто така, ќе има повеќе време за спортување, за воннаставни активности и програми. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека оваа реформа ќе почне во училиштата кои имаат можност за едносменска настава и дека нема да биде товар за децата.

„Наставниците, по закон, и сега треба да остануваат во училиште по 6 часа. Со реформата, заедно со учениците, ќе остануваат и подолго. Реформата е наставниците да станат функционални, во полза на знаењето, компетенциите и вештините на учениците. Ние сме последни на сите меѓународни тестирања, кои покажуваат дека нашите ученици доцнат во однос на нивните врсници од Европа. Идејата е да спроведеме нешто што дало ефекти во високоразвиените земји“, објасни министерката Јаневска.

Учениците нема цел ден да бидат над книга. Министерката посочи дека наставниот материјал учениците ќе го совладуваат интерактивно, ако имаат домашна работа, истражување, проектна задача, ќе можат да ги завршат.

„Учениците ќе имаат многу спорт, информатика, претприемништво, се она што им е потребно за реално да влезат во животот за кој се подготвуваат, да научат критички да мислат, да решаваат проблеми, мирно решавање на конфликти, препознавање на булинг, прифаќање на различности. Се ова досегашниот образовен систем не го овозможувал. Затоа мислиме дека е потребно наставниците повеќе да се ангажираат. На децата нема да им биде тежок престојот, дополнително ќе имаат и пауза, и разговори, и слободно време, празен час каде ќе завршат некоја обврска или ќе се одморат“, нагласи министерката Јаневска.