Јаневска: Образовен институт регистриран во обложувалница, работел со два душека и две столчиња
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со прилагодувањето на приватните универзитети на Законот за високо образование, министерката за образование и наука Весна Јаневска обелодени сериозни неправилности во работењето на дел од високообразовните институти, посочувајќи дека еден од нив бил регистриран во простории на обложувалница.

Станува збор за институции кои досега имале право да издаваат дипломи признати и во државата и во странство, што според Јаневска, отвора сериозни прашања за квалитетот и легитимноста на високото образование.
„Најбрутален пример беше кога Комисијата на МОН направи проверки во еден институт, беше регистриран во кладилница, во задниот дел, каде што своите функции требаше да ги врши на две столчиња и два душека. Ние водиме 34 високообразовни институции во земјава и апсолутно е недозволиво што под превезот на институти се одвиваат други дејности“, изјави Јаневска.
Јаневска додаде дека новите законски решенија се базирани на анализи на европските практики и имаат за цел да го подобрат квалитетот на научната дејност.
„Ова се мерки кои се значајни и потребни за да се подобри квалитетот на високообразовната научната дејност. Да, тешко е да се обезбедат 10 доктори на науки, но со оглед на тоа дека имаше висока продукција на доктори на науки им препорачувам на тие луѓе да си вработат“, истакна таа.
Министерката информираше дека работната верзија на законот ќе биде финализирана во понеделник вечер со сите пристигнати и прифатени забелешки и потоа ќе влезе во владина и собраниска процедура.