Јаневска: Две третини од слободните места се за упис во стручните училишта

Од предвидени 27 600 ученички места за упис во прва година средно образование, 7900 се слободни за гимназии, а околу 18 000 за стручни училишта, од кои 6700 за дуалното образование. Останатите слободни места во објавениот конкурс се за уметничките училишта и за Спортската гимназија.

Стручното образование е во фокусот и на годинешниот Конкурс за запишување во средните училишта за учебната 2025/2026 година што го објави МОН.

Од предвидени 27 600 ученички места за упис во прва година средно образование, 7900 се слободни за гимназии, а околу 18 000 за стручни училишта, од кои 6700 за дуалното образование. Останатите слободни места во објавениот конкурс се за уметничките училишта и за Спортската гимназија.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска соопшти дека бројот на дуални паралелки во училиштата е зголемен согласно анализата на пазарот на трудот во општините и во зависност од тоа колку компании се заинтересирани.

-Но, секако, тој процес се подобрува и очекувам оваа година да биде на навистина задоволително ниво. Се зголемува и бројот на компании, над 550 компании веќе се активно вклучени, по завршување на конкурсот ќе видиме уште колку други ќе се вклучат. Но, според информациите кои ги добивам, постои заинтересираност за дуалните паралелки, изјави Јаневска на настан на Машинскиот факултет по повод донирана опрема за лабораторија.

Во минатите две учебни години стручните училишта беа избор за две третини од вкупниот број запишани ученици во прва година. Овој тренд, според Јаневска, нема да има негативен ефект за гимназиското образование.

-Нема да има негативен ефект, напротив, очекувам целото општество да се прилагодува на потребите на државата. Имаме извоз на мозоци и недостиг на работна сила и тоа е проблем кој мора да се решава. Затоа што доколку имаат можност, преку дуалните паралелки, учениците да останат на работа во компаниите, тие и ќе останат во земјава. Со завршување на средно стручно тие веднаш можат да влезат на пазарот на труд или да го продолжат своето образование, додека гимназиското образование генерално се предвидува за оние кои веќе знаат дека ќе го продолжат своето образование. Затоа што пазарот на труд бара помалку такво општо образование откоку што бара стручно образование, рече Јаневска.

Пријавувањето на учениците за упис во средно образование ќе биде електронско преку линк до системот за електронски услуги на МОН https://euslugi.mon.gov.mk/ со посебна најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk

Ќе има две пријавувања во јунскиот уписен рок и едно во августовскиот. Првото електронско пријавување на учениците ќе биде од 00:00 часот на 14 јуни до 23:59 часот на 17 јуни 2025. Доставувањето на потребната документација до училиштата ќе биде на 18 и 19 јуни, а конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места, секое училиште ќе ја објави на 20 јуни 2025.

Второто електронско пријавување во јунскиот рок ќе биде на 30 јуни 2025, доставувањето на документите на 1 јули и објавувањето на конечната ранг-листа и слободните места на 2 јули 2025.

Пријавувањето во августовскиот рок, според објавениот конкурс, ќе се врши на 21 август 2025.

Во објавениот Конкурс се наведени условите за запишување на учениците во прва година, утврдениот минимум број поени за пријавување, потребната документација која учениците ќе треба да ја достават во избраното средно училиште по успешното електронско пријавување, како и насоки за спроведување на конкурсот.