„Јазично огледало, 1“ – нова книга од Васил Дрвошанов

Основна тема на сите написи е македонскиот јазик во неговата стандардна форма и отстапките од неа од различен карактер што се јавуваат, главно, во печатените медиуми и по осум децении од донесувањето на решенијата за примена на македонската азбука и на македонскиот правопис во службена употреба во Македонија.

Објавен е најновиот труд на лингвистот, критичар и поет Васил Дрвошанов – „Јазично огледало, 1“, во кој се застапени сто и еден краток напис.

Основна тема на сите написи е македонскиот јазик во неговата стандардна форма и отстапките од неа од различен карактер што се јавуваат, главно, во печатените медиуми и по осум децении од донесувањето на решенијата за примена на македонската азбука и на македонскиот правопис во службена употреба во Македонија.

Во написите, во издание на „Бата прес милениум“ авторот обработува различни прашања од повеќе дисциплини на македонската наука за јазикот, поврзани со проблеми од секојдневната употреба на македонскиот јазик во практиката. Дрвошанов се раководел од идејата нотираните јазични отстапки од македонскиот стандард да ги протолкува на едноставен начин нормите на македонскиот јазик, поврзани со разгледуваните прашања, посочувајќи ги аргументирано и научно соодветните решенија.

Со оглед на фактот што во јазикот се одразуваат сите настани авторот забележува дека јазикот е огледало на општествените и на другите промени, но и отслик на негативната јазична реалност во поглед на писменоста на македонските родени зборувачи и на другите корисници на македонскиот стандарден јазик последниве три децении, почнувајќи од користењето на македонската азбука до употребата на женските презимиња со машки завршеток на -ов.