Јазикот не е пречка кога нема политика – општина во Грција објави соопштение и на македонски
Општина Касандра на првиот крак на Халкидики упати јавно известување до граѓаните и посетителите на плажите, во кое се бара во рок од 24 часа да ги отстранат незаконски поставените чадори, лежалки и друга опрема од крајбрежјето.

Во соопштението, објавено на грчки, англиски и македонски јазик, општината наведува дека целта на мерката е обезбедување „слободни и достапни плажи за сите“, согласно важечкото законодавство за заштита на јавниот простор на крајбрежјето.
Од општината предупредуваат дека предметите поставени без законско право на јавни површини го ограничуваат слободниот пристап на посетителите и затоа сопствениците се должни да ги отстранат најдоцна во рок од 24 часа од поставувањето на известувањето.
Доколку тоа не се случи, локалните власти најавуваат дека ќе пристапат кон нивно отстранување без дополнително предупредување, при што таквите предмети ќе се третираат како напуштен отпад и нема да бидат вратени на сопствениците.
Општина Касандра и минатата летна сезона спроведуваше акции за расчистување на плажите од нелегално поставена опрема, со цел заштита на крајбрежјето и овозможување слободен пристап за сите посетители.