Јавниот обвинител Ненад Савески ја презеде должноста

Новоименуваниот Јавен обвинител Ненад Савески денеска, веднаш по свечената заклетва во Собранието, ја презеде функцијата државен јавен обвинител, соопштуваат од ЈОРСМ.

Новоименуваниот Јавен обвинител Ненад Савески денеска, веднаш по свечената заклетва во Собранието, ја презеде функцијата државен јавен обвинител, соопштуваат од ЈОРСМ.

Како што е наведено, тој одржал работна средба за примопредавање на функцијата со досегашната вршителка на должноста, јавната обвинителка Анита Тополова – Исајловска.

– Исто така, на првиот работен ден на функцијата, Јавниот обвинител на РСМ Савески се сретна со јавните обвинители и со јавнообвинителските службеници во републичкото обвинителство, со кои разговараше за плановите и приоритетите во однос на функционирањето на јавнообвинителската организација, стои во соопштението од ЈОРСМ.

Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески денеска даде свечена изјава во Собранието, а пред медиумите рече дека неговата работа ќе биде во согласност со Уставот, законите, ратификуваните меѓународни документи и меѓународните стандарди. Савески се заблагодари за поддршката и за коректните ставови во однос на професионалните аспекти.

Савески ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.

Во согласност со Законот за Јавното обвинителство, член 63, мандатот на државниот обвинител е шест години, со право на повторен избор.

Савески, кој досега беше судија во Основниот кривичен суд – Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март. Во постапката за избор, покрај Савески, позитивно мислење од Советот на јавните обвинители добија и сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.

Ненад Савески е роден 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки – казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.