Војната меѓу Иран и Израел ги прави земјава и регионот потенцијално ризични и затоа треба уште поинтензивно да имаме размена на информации со стратешките партнери – САД и НАТО, смета Марјан Ѓуровски, националниот координатор на Балканската безбедносна мрежа и носител на проектот за спречување на пролиферација на оружје за масовно уништување.
-Сметам дека во овој момент безбедноста на Македонија не е загрозена, но постојат безбедносни ризици и закани кои на индиректен начин на она што се случува на Блискиот Исток може да влијае во ЕУ, а со тоа и индиректно да има влијание и врз состојбата во Македонија. Потенцијални терористички напади, потенцијално движењето на луѓето кои биле дел од тие структури на Хезболах и т.н., но треба да бидеме одговорни. Нема потреба од страв, едноставно ние сме дел од колективниот безбедносен систем на НАТО и верувам дека како досега, и понатаму партнерите Америка и НАТО ќе ни помогнат за поголемо безбедносно превенирање, изјави Ѓуровски, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на дводневната конференција за „Влијанието на пролиферацијата на напредното конвенционално оружје на безбедноста и диверзификацијата на набавките и модернизацијата“.
Претседателката како Врховен командант, според Ѓуровски ги има сите релевантни податоци и информации и нагласи дека е многу важно „да се реагира и да се разменуваат информациите“ меѓу безбедносно-разузнавачката заедница и партнерите од НАТО и кога е неопходно и ќе процени претседателката да го свика Советот за национална безбедност.
– Фокусот на меѓународното влијание, заради оваа војна што се случува помеѓу Израел и Иран го фрла фокусот и на Америка и на Европа на Блискиот Исток и верувам дека Балканот не треба да биде заборавен, затоа што имаме бројни отворени прашања. Босна и Херцеговина е многу потенцијален безбедносен ризик за Македонија и целиот регион во иднина, доколку остане ваква статус кво ситуација, изјави Ѓуровски.
Носителите на институциите, но и на опозицијата во земјава и на Балканот, според Ѓуровски треба да водат одговорни политики и да придонесуваат кон подигање на домашните капацитети на отпорност, затоа што пред се домашната задача на справување со безбедносни ризици преостанува на нашите домашни институции.
-Подигањето на домашните капацитети, продолжувањето на модернизацијата и опремувањето на Армијата, продолжувањето на реформите и трансформацијата на безбедносно-разознавачката заедница, врз основа на професионализација и департизација е особено важно за да, пред се таа отпорност и ризичност која ја имаме како општество да ја зголемиме, изјави Ѓуровски.
Во однос на надворешната политика и дали и како, евентуалните резултати и промена на американскиот претседател ќе влијаат на глобалната политика, според Ѓуровски, нашата држава треба да го продолжи и зајакне стратешкото партнерство со САД.
-Многу е важно што кај нас, сите парламентарни политички партии и сегашната нова влада стои на основниот сегмент на зајакнување на стратешкото партнерство со САД. Нема други алтернативи и алтернативни патчиња кои ќе не одведат до други сојузи и коалиции и сметам дека токму единствено зајакнување на ова стратешко партнерство и соработката со НАТО ќе ни овозможи да го надминеме и овој период на скептицизам и дефетизам кај македонското население кој е реален и објективен поради односот кој го има и од последните одлуки на ЕУ кон Северна Македонија и почетокот на преговорите, појасни Ѓуровски.
Балканската безбедносна мрежа и денешната конференција, посочи Ѓуровски доаѓаат во вистински момент бидејќи, како што нагласи придонесува за градење на капацитетите на институциите на системот, на министерствата за одбрана и за надворешни работи и пред се подигање на отпорноста на безбедносно одбранбениот систем, но и политичкиот систем, изјави Ѓуровски.
Даниел Шунтер, основачот на регионалната иницијатива проект Балканска безбедносна мрежа, посочи дека дводневната конференција има за цел размена на искуства и информации меѓу земјите од регионот, како Србија, Словенија, Хрватска, Унгарија, Романија и Грција и да научат повеќе за тоа што се случува во Северна Македонија на полето на модернизација и диверзификација, за исполнување на НАТО стандардите.
– Македонија има многу важна и конструктивна улога во регионот и е активна во операциите на НАТО. Македонија, исто така, спроведува модернизација што е добро усогласена со целите на Алијансата, но Северна Македонија е важен придонесувач и кон регионалната безбедност, изјави Шунтер.
Според, пензионираниот американски потполковник Џон Капело, предизвиците со кои се соочува Северна Македонија, се соочуваат и САД, особено на полето на модернизацијата.
– Сите треба да донесеме тешки одлуки за тоа како да потрошиме ограничени ресурси за да изградиме национална безбедносна структура што ќе ги задоволи нашите национални безбедносни потреби. Македонија не е ништо поразлична во тој поглед од САД и затоа е важно да имаме вакви разговори, размена на искуства и градење на партнерства, изјави Капело.
Дводневната конференцијата вклучуваа експертски панел дискусии со детална анализа на пролиферацијата на напредно конвенционално оружје и стоките со двојна намена со фокус на режимите на меѓународна контрола вклучувајќи ги санкциите на ЕУ и САД, како и специфични предизвици од оваа област кои произлегуваат од руската инвазија на Украина. Како што најави, организаторот, ќе бидат разгледаат студии на случаи: примери од регионот за последиците од кршењето на санкциите преку ре-извоз на технологии со двојна намена со воена намена. Покрај тоа ќе се направи увид од регионот со преглед на трендовите на диверзификација и модернизација на вооружените сили на Црна Гора, Србија, Словенија, Северна Македонија и други земји во регионот, со посебен осврт на преминувањето од стари ACW со советско/руско потекло на други решенија. Фокус ќе се стави на значењето на информирањето на јавноста за споменатите теми и улогата на стратешките комуникации во борбата против дезинформациите во областа напредно конвенционално оружје.
Фото: МИА / организатор