Ѓуриќ: Србија го осудува нападот, обвинувањата на Курти потенцијално укажуваат на вмешаност на Приштина
Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ денеска изјави дека Србија најостро го осудува нападот на каналот Ибар-Лепенац кај Зубин Поток и посочи дека тоа што режимот на косовскиот премиерот Албин Курти, побрза да покаже со прст кон Србија без докази потенцијално укажува на вмешаност на режимот на Курти.
Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ денеска изјави дека Србија најостро го осудува нападот на каналот Ибар-Лепенац кај Зубин Поток и посочи дека тоа што режимот на косовскиот премиерот Албин Курти, побрза да покаже со прст кон Србија без докази потенцијално укажува на вмешаност на режимот на Курти, јави дописникот на МИА од Белград.
Ѓуриќ во објава на мрежата Икс, ги повика релевантните меѓународни власти да спроведат темелна и транспарентна истрага со цел да се идентификуваат и да се повикаат на одговорност одговорните за овој чин.
– Додека етнонационалистичкиот режим на Курти побрза да го впери прстот кон Србија без докази, ние веруваме дека ваквите предвремени обвинувања се намерна диверзија, што потенцијално укажува на вмешаност на режимот на Аљбин Курти, нагласи Ѓуриќ.
Тој посочи дека ваквите неосновани обвинувања ги поткопуваат напорите за конструктивен дијалог и служат само за ескалација на тензиите во и онака деликатна ситуација. Ѓуриќ наведе дека Србија недвосмислено бара одговорност за сторителите на „овој непромислен напад“.
Според него, Србија е подготвена, доколку е потребно, да обезбеди финансиска и техничка помош за санирање на штетите на каналот Ибар-Лепенац, „покажувајќи посветеност на благосостојбата на сите луѓе во регионот, без разлика на етничката или политичката припадност“.
Тој, исто така, истакна дека „овој длабоко вознемирувачки чин на саботажа“ ги загрозува животите и егзистенцијата на безброј поединци во регионот.
Ѓуриќ посочи дека Ибар-Лепенац е критичен воден пат неопходен за производство на електрична енергија, земјоделство, вода за пиење и општата благосостојба на заедниците на кои им служи и истакна дека деструктивните дејства се неприфатливи и „ја загрозуваат кревката стабилност што се стремиме да ја одржиме“.
– Ги повикуваме сите страни да се спротивстават на провокациите и да дадат приоритет на дијалогот, меѓусебното разбирање и соработката. Србија останува посветена на мирот, стабилноста и соработката како основа за просперитетна и обединета иднина на Балканот, истакна Ѓуриќ.