
Ѓуриќ: Доколку Европа не го заврши процесот на проширување, ризикува да стане тематски парк
Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ оцени дека доколку Европа не го заврши процесот на проширување на својот континент, ризикува да ја изгуби својата важност и да стане, како што вели, еден вид тематски парк, каде што „можете да уживате во туризмот и да се забавувате“.
Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ оцени дека доколку Европа не го заврши процесот на проширување на својот континент, ризикува да ја изгуби својата важност и да стане, како што вели, еден вид тематски парк, каде што „можете да уживате во туризмот и да се забавувате“.
„За нашиот континент да го врати своето заслужено место на светската сцена, ние Европејците мора да ја прифатиме целата визија за обединета Европа, а вистинското единство не е можно без Балканот“, рече Ѓуриќ во интервју за шпанскиот весник „Мундо“, пренесоа српските медиуми. Интервјуто е даде за време на неговата штотуку завршена официјална посета на Шпанија.
На прашањето што според него се случило за Србија повеќе да не биде фаворит да биде следната земја-кандидат за членство во ЕУ, Ѓуриќ одговори дека Србија вредно работи на спроведување на сите потребни реформи, со цел да ги заврши сите законски измени до крајот на 2026 година.
„Србија привлече 65 проценти од сите инвестиции во Југоисточна Европа и, згора на тоа, ја стабилизираше својата макроекономска состојба до степен до кој го намаливме односот на јавниот долг кон БДП од 79 проценти на 45 проценти денес. Затоа, верувам дека Србија навистина може да придонесе за европскиот економски раст, бидејќи нашата годишна стапка на раст е значително над европскиот просек и не се бориме за членство за да добиеме повеќе пари од Брисел“, рече Ѓуриќ.
Од друга страна, тој верува дека понекогаш постојат политички или идеолошки позиции во некои земји-членки кои влијаат на темпото на процесот на пристапување.
„Мислам дека ако Европа не го заврши процесот на проширување на својот континент, ризикува да ја изгуби својата релевантност и, искрено, ризикува да стане еден вид тематски парк каде што можете да уживате во туризмот и да се забавувате“, рече Ѓуриќ.
На прашањето дали мисли дека Србија е во неповолна позиција затоа што се перцепира како блок заедно со остатокот од Западен Балкан, Ѓуриќ одговори дека Србија не е себична во своите амбиции и не е против земјите од регионот да се приклучат кон ЕУ.
Тој додаде дека негова главна цел во овој период е да придонесе за стабилноста на својата земја, обидувајќи се да создаде средина на добрососедство.
На прашањето дали е изненаден што американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 35 проценти за Србија, Ѓуриќ одговори дека земјата активно соработува со американската администрација за да се реши прашањето за царините, но, како што вели, тоа не е единствениот фокус на односите со САД.
„Пред две недели бев во Вашингтон и имав одлична средба со државниот секретар Марко Рубио. Се договоривме за долгорочен стратешки дијалог меѓу Србија и САД на крајот од оваа година, покрај потпишувањето на договор за стратешко партнерство во енергетскиот сектор минатата година.“
На прашањето каква е моменталната позиција на Србија во врска со војната во Украина, шефот на српската дипломатија посочи дека Србија води избалансирана надворешна политика и одржува дијалог и разговори со сите заинтересирани страни.
Тој истакна дека Србија ги поддржува принципите на Повелбата на Обединетите нации во врска со територијалниот интегритет и суверенитетот на сите независни држави, вклучително и Украина.
„Но, ние ја водиме и нашата надворешна политика, во согласност со нашите национални интереси. Србија испрати значителна хуманитарна помош до народот на Украина и прими илјадници Украинци во Србија. Ние заземаме принципиелна позиција во овој конфликт. Затоа, во меѓународните организации секогаш сакаме тој да се реши што е можно поскоро. И претседателот Вучиќ ѝ понуди на Србија да биде домаќин на секаков вид формални или неформални разговори за тоа како да се решат тензиите. Не се плашиме од зборот мир“, рече Ѓуриќ.
Тој нагласи дека српската влада е отворена за дијалог кога станува збор за студентските протести, и дека протестите не ги водат исклучиво студенти, ниту, вели тој, студентите се обединети по ова прашање, додавајќи дека има и студенти во провладиниот камп пред Народното собрание во Белград.
„Владата постојано ја покажуваше својата подготвеност да ги слушне некои од барањата што првично ги постави. Понатаму, владата поднесе оставка во април. Имаме нова, токму затоа што сакавме да се справиме со барањата на демонстрантите“, рече Ѓуриќ.
Тој потсети дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, постојано повикува на дијалог со разни опозициски групи.
„Последниот пат, пред една недела. И, за жал, овие барања беа одбиени. Од друга страна, видовме сцени на насилство или напади врз полицајци во седишта на СНС и собири што го кршат законот, што е парадокс, бидејќи тие бараат поголемо владеење на правото, но не се подготвени да се придржуваат кон неговите основни елементи. Владата покажа воздржаност, употребата на полицијата беше ограничена на случаи кога демонстрантите го блокираа патот. А српскиот народ не ги сака блокадите. Анкетите покажуваат дека поддршката за претседателот расте. Таа е малку под 50 проценти“, рече Ѓуриќ.
На прашањето кои се причините претседателот Вучиќ да пишува писма до „Фајненшл тајмс“ и „Гардијан“ за да го изрази своето мислење за протестите, Ѓуриќ одговори дека Србија многу се труди да го подобри својот имиџ.
Кога го прашаа што мисли за изјавата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој рече дека „Србија е на работ на граѓанска војна“ поради протестите, шефот на српската дипломатија одговори дека Србија има многу почит кон сите свои соседи, додавајќи дека не смета дека е соодветно да се коментира внатрешната состојба на своите соседи на тој начин.