
Полни сме со волја да постигнеме компромис кој ќе овозможи враќање на функционалноста на Уставниот суд, а со тоа ќе се создадат услови за одржување на предвремени парламентарни избори, изјави претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
Според него, изборите се клучот за добивање стабилна политичка влада, која очајно и треба на Црна Гора.
Ѓукановиќ денеска се сретна со министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, со која, како што објави на својот Твитер профил, разговарале за Западен Балкан и кризата во Црна Гора.
Неопходно е, изјави Ѓукановиќ, да престане постојаното забавување и доцнење во враќањето на Црна Гора на европските патеки.
Целосна согласност за неопходноста од запазување на процедурите и професионалните стандарди за избор на судии, почнувајќи од Уставниот комитет. Очекуваме одговорна и итна акција од сите актери, рече Ѓукановиќ.
Премиерот Дритан Абазовиќ најави дека наскоро по средбата со Фајон може да се очекува и избор на судии на Уставниот суд.
Верувам дека Собранието во текот на неделата ќе почне да ги интервјуира кандидатите за судии на Уставниот суд, а сите очекуваат дека за судиите ќе се гласа на крајот на јануари или почетокот на февруари, рече Абазовиќ.
Тој посочи дека фокусот на меѓународните партнери и на сите политички чинители во следните 15 дена треба да биде изборот на судии на Уставниот суд.
Што се однесува до Владата, таа на најдобар можен начин ја изразува својата политика, а сега останува на Собранието што побрзо да ги донесе своите одлуки до крај, рече Абазовиќ.
По средбата со претседателката на Парламентот на Црна Гора, Данијела Ѓуровиќ, Фајон рече дека изборот на судии на Уставниот суд е приоритет на сите приоритети за Европската унија и рече дека доколку шестиот изборен обид не успее, постои опасност дека пристапните преговори на Црна Гора со Европската Унија ќе бидат стопирани.
Таа посочи дека се надева оти сите во Црна Гора се политички свесни колку е важен Уставниот суд и поради претседателските и најверојатно вонредните парламентарни избори.