„Забавената политика на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и влошувањето на односите меѓу Исток и Запад се двата фактори што создаваат кревка и деликатна ситуација во однос на политичката и безбедносната стабилност во регионот“. Ова во интервју за грчката новинска агенција „АНА-МПА“ го вели претседателот на Црна Гора – Мило Ѓукановиќ.
Тој вели дека во последните неколку години регионот се соочува со „сè поамбициозно присуство на трети страни, кои настапуваат со политички платформи, спротивни со вредностите и политичките платформи на Европската Унија“.
„Многу е деликатна ситуацијата кога е во прашање политичката и безбедносната стабилност на Западен Балкан. Мислам дека сите забележуваме дека таа стабилност денес е покревка во споредба со пред само неколку години. Тоа е последица на две околности: Прво, многу забавената речиси запрена политика на проширувањето на Европската Унија што се однесува на иднината на земјите од Западен Балкан. Втората околност е радикалното влошување на односите меѓу Исток и Запад на глобално ниво. Ова влошување јасно се гледа на Западен Балкан и Балканот во целина, како пожелен терен за влез на различни глобални политички интереси“ – објасни Ѓукановиќ.
Тој потенцира дека Грција има голема одговорност бидејќи многу добро го знае регионот, ги разбира предизвиците, а истовремено е членка на НАТО и ЕУ, па така, може да одигра важна улога и да ја убеди Унијата колку е важно проширувањето.