„Ѓубре офанзива“ во Скопје

Вечерва, од паркингот кај хотелот „Александар Палас“ новиот градски татко на Скопје, Орце Ѓорѓиевски со поддршка на сите скопски градоначалници и премиерот Христијан Мицкоски, со бројни хигиеничари од „Комунална хигиена“, како и тешка механизација тргна во„ѓубре офанзива“, да го исчисти и да го ослободи Скопје од наталожениот смет.

Вечерва, од паркингот кај хотелот „Александар Палас“ новиот градски татко на Скопје, Орце Ѓорѓиевски со поддршка на сите скопски градоначалници и премиерот Христијан Мицкоски, со бројни хигиеничари од „Комунална хигиена“, како и тешка механизација тргна во„ѓубре офанзива“, да го исчисти и да го ослободи Скопје од наталожениот смет.

Во рамките на акцијата ќе се работи интензивно на собирање на отпадот, миење на улиците, како и на плоштадот „Македонија“ и кејот на реката Вардар. Тимови од јавните претпријатија ќе бидат распоредени во сите делови на градот со цел за рекордно време да се отстрани наталожениот смет и нечистотија.

На стартот на акцијата, пристигнаа и скопските градоначалници – на Општина Аеродром Дејан Митески, на Кисела Вода Бети Стаменковска Трајкоска и на Карпош Сотир Лукровски, но и Бобан Стефковски од Гази Баба и Александар Стојковски од Ѓорче Петров, но и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, кои дадоа поддршка на заедничката иницијатива за почисто и поуредено Скопје.

„Скопје мора да биде чист, достоинствен и уреден град. Ги мобилизиравме сите служби и во следните 72 часа ќе покажеме дека тоа е можно“, изјави Ѓорѓиевски при стартот на акцијата.

Граѓаните очекуваат оваа операција да биде почеток на системско решение за чистотата во градот, а не само симболична акција.

Социјалните медиуми се преплавени со фотографии и видеа, главно пласирани од премиерот и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата од Скопје, со кои се покажува почетокот на оваа долго најавувана акција.

Камиони за собирање ѓубре има од речиси сите скопски општини. Тука се и работниците од комуналните претпријатија на Бутел, оние од „Паркови и зеленило“, но и други. Ако изминатиов период се велеше дека нема гориво за камионите, дека нема плата за вработените во „Кумунална хигиена“ и дека нема како да се отстрани насобаното ѓубре низ главниот град, вечерва гледаме дека имало. Ова можеше да се направи и пред да седне официјално Ѓорѓиевски на градоначалничкото столче во Градот Скопје. Можеше ваква офанзива и воопшто да не е потребна, доколку отпадот не се трупаше околу контејнерите. Но, како што забележа некој од граѓаните на социјалните мрежи: „Ако се прашувате зошто Скопје се гушеше во ѓубре цели два месеца, сега стана јасно: за добро ПР клипче!“, јасно е дека граѓаните ја разбираат намерата и политиката, а дали ја заслужија, тоа го покажува само изборниот резултат.

Текстот и фотографијата се преземени од Независен