Ѓорѓиевски: Повикот на Амар до гласачите на Каја ја открил коалицијата Левица со СДСМ

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, вели дека Левица и официјално јавно ја објавила коалицијата со СДСМ за која се говорело во минатото, а за која партијата негирала дека постои.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, вели дека Левица и официјално јавно ја објавила коалицијата со СДСМ за која се говорело во минатото, а за која партијата негирала дека постои.

Тој ова го кажа коментирајќи ја изјавата на неговиот противкандидат Амар Мециновиќ од Левица со кого ќе се соочи во вториот изборен круг за градоначалник на Скопје. Освен од независните кандидати, Мециновиќ вчера побара поддршка и од гласачите кои во првиот круг ја поддржале кандидатката на СДСМ, Каја Шукова, велејќи дека голем дел од нив ја делат визијата која тој ја претставува.

„Ако во минатото говоревме за тие состојби, а некој ги негираше, особено после вчерашниот повик на Левица за поддршка од гласачите на СДСМ, веќе е јавна таа коалиција. Треба добро да се погледнат и анализираат резултатите за да видиме во кои делови има Левица добиено поддршка. Јас сметам дека и во првиот круг Левица имаше поддршка од ДУИ“, изјави Ѓорѓиевски пред средбата со новоизбраните советници во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Ѓорѓиевски вели дека во негов фокус е да ја добие поддршката од сите скопјани, а не, како што вели, да се занимава со партиски интриги како што тоа го прават другите.

„Не се занимавам со црна кампања, јас имам сериозна програма која ја нудам пред граѓаните, но имам и сериозен кредибилитет поради сè она што сум го остварил изминатиот период. Убеден сум во победа која ќе ги декласира на овие избори сите на куп кои и да се. Нашата определба е јасна и нашиот фокус во наредните четири години“, изјави кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорѓиевски ја даде изјавата за медиумите пред координативниот состанок со новоизбраните советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје, на кој, како што рече, ќе се разговара за првите чекори откако ќе ја преземе градоначалничката функција. Им посака среќа и изрази очекување дека ќе имаат успешна соработка.

„Ќе разговараме за најгорливите прашања кои ќе бидат во фокус до Нова година, по изборите кои треба да завршат за десетина дена од денес. Се надевам дека во наредните четири години со заеднички ангажман и заложба од сите нас ќе успееме од Скопје да направиме град каков што скопјани заслужуваат – модерен, европски и град кој нема да ги има проблемите кои денеска нè тиштат сите, а се поврзани со нефункционалноста на јавните претпријатија, нереализирањето на проекти и сè она што беше грда слика изминатите четири години“, изјави Ѓорѓиевски.