
Ѓорѓиевски и Митески остварија средба со „Мобилност“ – здружение на лица со попреченост
➡ Целта мене ми е да направиме инклузивен град кај што сите ќе имаат еднакви права и можности. Така, парковите што ќе ги правиме, јавните објекти, итн. ќе бидат во тој дух. Јас ќе барам само ваша логистичка поддршка т.е. потсетување кога, некогаш, ете нешто ќе заборавиме... Зашто, знаете - ние ќе бидеме потрупани со проекти, изјави Ѓорѓиевски.
На покана на кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и в.д. градоначалник на Општина Аеродром, Дејан Митески, се оствари средба меѓу нив двајца и претставници на најголемото македонско здружение на лица со попреченост, „Мобилност Македонија“, поточно скопскиот огранок.
Ѓорѓиевски, пред сѐ, ги покани своите соговорници, да даваат свои идеи и предлози, покрај другите здруженија со коишто, како досегашен градоначалник на Кисела Вода, соработува активно, како што е Здружението на родители на деца со церебрална парализа. Тој предочи дека работејќи заедно, пристапноста до шалтери, и воопшто – до јавните установи, може да се подобри, бидејќи тоа се „ситни потфати“ коишто на граѓаните со попреченост многу им значат.
– Целта мене ми е да направиме инклузивен град кај што сите ќе имаат еднакви права и можности. Така, парковите што ќе ги правиме, јавните објекти, итн. ќе бидат во тој дух. Јас ќе барам само ваша логистичка поддршка т.е. потсетување кога, некогаш, ете нешто ќе заборавиме… Зашто, знаете – ние ќе бидеме потрупани со проекти, изјави Ѓорѓиевски.
Митески ги презеде истите задачи и потфати типични за Аеродром. Тие ветија и поредовна и поблиска комуникација со граѓаните со попреченост.
Граѓаните побараа – во иднина, пристапноста до зградите, јавните, деловните и станбените објекти, да биде не препорачана, туку законски обврзувачка и задолжителна.
Беа спомнати и нередовните автобуси, како и несакањето на управувачот на возилото да ја спушти рампата заради пристап за лице со ортопедска количка или какво било друго помагало. Ѓорѓиевски рече дека сѐ тоа спаѓа во правилата што во иднина ќе мора да се почитуваат.
– Има нови автобуси коишто седат по паркинзи – 60 возила коишто се подобри од сегашниве, но некој не сака да потпише лиценца и тие да бидат пуштени во промет, појасни Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека почитувањето на правилата и прописите мора да се преточи во систем, како и почитувањето на надлежностите на првиот човек на општината, кој мора да ги заштити своите граѓани пред сѐ. На крајот здружението „Мобилност“ ги повика граѓаните со попреченост да им се обратат, да си ги кажат своите проблеми коишто (најверојатно еднаш месечно), систематизирани ќе му бидат пренесени на новиот градоначалник.