Односот на гласови помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Тетово е два спрема еден, во советници е четири спрема два, ако тоа го пресликаме на ниво на Македонија односот и во гласови и на анкетите е 400.000 гласови за ВМРО-ДПМНЕ, 200.000 гласови за СДСМ. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ во моментот би имала 55 пратеници, СДСМ 27 со целата нивна коалиција. Ова го изјави на прес-конференција, Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ има во моментот 50 градоначалници, СДСМ 10. Во 10 најголеми градови во Македонија власта е тотално делегитимирана и во Скопје, вчера во Тетово, претходно во Гостивар, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Велес, Кочани, Кавадарци и на многу други места. Тоа значи дека час поскоро Македонија треба да оди на избори. Час поскоро Македонија треба да добие влада која што е способна и одговорна која што ќе ја носи Македонија низ оваа тешка, жесто криза која што претстои, а за која што власта е тотално неподготвена“, рече Ѓорчев.
Според него, поразителен е фактот дека власта на СДСМ и Ковачевски треба по три пати да повторува избори како што се Центар Жупа и Маврово Ростуше за да има доволно гласови, затоа што за време на Зоран Заев и Ковачевски народот масовно се иселува. Има егзодус, вели Ѓорчев, и нема доволно луѓе да излезат на гласање и три пати треба да се повторуваат изборите за да се избере градоначалник.
„Исто така треба да се каже дека за жал Ковачевски може да победува само исклучиво кога е единствен кандидат. Единствен кандидат беше Зоран Зев за претседател на СДСМ и доби 99 проценти гласови, единствен кандидат на предлог на Зоран Заев за претседател на СДСМ беше Ковачевски и доби 99 проценти од гласовите, и вчера прогласува победа која што не е негова. Победата во Центар Жупа е на Демократската партија на Турците, а Ковачевски е само споредна улога која што сака да се качи на бранот на таа победа. Но, важно е дека во најголемата општина каде што вчера имаше избори победи ВМРО-ДПМНЕ. Во Маврово Ростуше поради притисоците на власта, поради купувањето на гласови, поради издавање на гласачи на СДСМ на пасоши, лични карти, лични документи само во еден ден, а оние кои што гласаат за опозицијата не можат со недели да ги добијат, затоа власта со тој жесток пресинг и притисок имаше некаков резултат во Маврово Ростуше“, додаде Ѓорчев.