Ѓоргиевска: Родовата еднаквост и економското зајакнување клучно за развој на македонското општество и економија

„Родовата еднаквост и економското зајакнување на жените се еден од клучните предуслови за одржлив и инклузивен развој на македонското општество и на македонската економија“ порача сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска.

На завршната конференција на проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“ што вчера се одржа во Охрид, под нејзино порковителство, заклучи дека настанот ќе придонесе кон поголема промоција, препознатливост и вмрежување на женските бизниси.

„Економското зајакнување на жената истовремено е индикатор на нивото на демократизација на општеството, но и патоказ кон поправеден економски развој во кој има место за секого. Тоа е зајакнување на општеството во целост и претставува инвестиција во иднината и гаранција за просперитет во државата“ – истакна Ѓоргиевска.

Жените во Северна Македонија, додаде, во континуитет се посветени кон позитивните општествени промени, за што сведочат нивните успеси.

„Останува уште многу да направиме. Иако жените се вклучени во некој од најважните развојни процеси, сепак се уште се соочуваат со непринципиелни бариери или не се целосно рамноправни чинители во економскиот развој и бизнис секторот. Наша задача е да работиме на овие бариери, кои го попречуваат целосното и правилно вклучување на жените во секоја сфера од развојот на државата, како нераскинлив дел од економската стабилност, социјалниот напредок и демократските вредности“ – рече Ѓоргиевска.

Конференцијата е во организација на Центарот за управување со промени (ЦУП), со финансиска поддршка од Balkan Trust for Democracy и USAID.

Извршната директорка на ЦУП, Неда Малеска Сачмароска изрази надеж дека со денешната дискусија за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат жените претприемачки ќе ги поттикнат државните институции и меѓународната заедница и понатаму да работат на поддршка на женското претприемништво.

„Последниот попис покажа дека жените во РСМ се уште претставуваат најголем процент од невработената популација и претставуваат 67 проценти од оние кои се најнеактивни на пазарот на трудот. Оттаму и нашата иницијатива за поддршка на женското претприемништво не е само прашање на еднаквоста, туку е и прашање за економскиот развој и просперитет на државата“ – истакна Малеска Сачмароска.