Ѓорге Иванов: Светот станува сѐ помалку демократски

Поранешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, се обрати на Светскиот форум за демократија и мир 2023 што се одржува во Берлин на тема „Преживување на демократијата“.

Во обраќањето, Иванов рече дека општ заклучок на сите годишни извештаи и демократски индекси за 2022 година е дека светот станува сѐ помалку демократски. Демократијата секаде се соочува со опаѓање, додека автократијата е во пораст. На глобално ниво, вели Иванов, бројот на земјите кои се движат кон авторитаризам, во последните шест години е двојно поголем од бројот на земји кои се движат кон демократија.

„Се влошуваат граѓанските слободи и владеењето на правото, а авторитарните влади стануваат сѐ повеќе репресивни“, рече експретседателот.

Иванов нагласи дека светот се соочува со повеќе кризи истовремено, почнувајќи од порастот на трошоците за живот до ризикот од нуклеарен конфликт. Овие кризи доведуваат до опаѓање на демократските стандарди во светот и предизвикуваат ерозија на демократијата. Високата инфлација, економските проблеми, кризите во снабдување со енергија, кризата со храна, опаѓањето на животниот стандард, двојните стандарди во однос на миграцијата и бегалците.

На глобално ниво, смета поранешниот претседател, демократијата се соочува со различни закани, а сѐ поактуелен станува проблемот со легитимноста на изборните резултати, ограничувањето на слободите и правата на интернет, тврдокорната корупција, растот на екстремни политички партии.

Иванов потенцираше дека во повеќе земји постои голема политичка поларизација, дисфункционалност на институциите и загрозување на граѓанските слободи и права, а како најсуштествени актери за јакнење на автократските системи и ерозијата на демократските норми се посочуваат политичките и економските елити кои сакаат да го заштитат својот клиентелистички и корумпиран систем.

Треба секогаш да се има предвид фактот дека демократијата не е постојана и статична состојба, туку е во постојано движење и претставува процес на промена и усовршување. Затоа, претседателот Иванов рече, дека мора да го проценуваме и да го развиваме демократскиот систем во согласност со потребите и предизвиците на нашето време, за да можеме да го заштитиме и усовршиме како држави и како меѓународна заедница.

Претседателот Иванов за време на посетата одржа повеќе средби со учесниците на Форумот, како и со организаторите на настанот.

Форумот е во организација на Академијата за културна дипломатија, а на настанот учествуваат голем број поранешни претседатели, премиери, политичари, кои дебатираат на темата „Зголемени закани за демократијата насекаде низ светот“.

Светскиот форум за демократија и мир (2022-7) е 5-годишен проект кој се одвива почнувајќи од јули 2022 година и го спроведува Академијата за културна дипломатија во соработка со глобални меѓународни организации, национални влади, меѓународни корпорации и водечки академски институции. Институтот за културна дипломатија е основан во 1999 година во САД и е меѓународна, непрофитна, невладина организација со седиште во САД и Германија. Според Институтот, културната дипломатија одамна е препознаена како главен инструмент за промовирање на меѓукултурните врски меѓу земјите, заедниците и народите. Институтот за културна дипломатија е основан со цел да ја промовира културната дипломатија на глобално ниво, а со тоа да придонесува за постигнување глобален мир преку зајакнување на меѓукултурните односи.