Најдобриот тенисер во моментов – Србинот Новак Ѓоковиќ отворено проговори за случувањата откако беше депортиран од Австралија поради тоа што не беше вакциниран против коронавирус.
„Да бидам искрен, на почетокот ја потценив мојата емоционална состојба. Мислев дека по напуштањето на Австралија, ќе продолжам нормално. Но, потоа, уште неколку месеци, ги чувствував емоционалните и психолошките одгласи на она што се случи. Во последно време почнав да се опоравувам, сето тоа го оставив во минатото и го претворам во гориво и позитивна енергија“ – изјави Ѓоковиќ за „Tennis Majors“.
Тој го пропушти грен слемот Австралија опен откако беше депортиран од Австралија на 16. јануари годинава.
Доби забрана да ја посетува земјата 3 години. Австралиските власти на 14. јануари му ја укинаа визата на српскиот спортист и одлучија да го депортираат.