Ѓоковиќ: Сигурно ќе играм на ЛОИ во Париз, сонувам да освојам злато за мојата Србија
Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ, загуби од Карлос Алкараз во денешното финале на Вимблдон, по кое проговори и за евентуалниот настап на претстојните Олимписки игри во Париз (26 јули-11 август). Тој и покрај поразот и проблемите со коленото потврди дека ќе се појави во француската престолнина.
„Сè уште имам намера да играм во Париз и да се борам за златен медал за мојата Србија. На сосема друга подлога, на која се повредив. Ќе видиме како ќе се чувствувам психички и физички. Се надевам дека ќе го најдам најдоброто од себе, ќе ми треба повеќе од тоа“, изјави Ѓоковиќ.
Тој истакна колку му е важно да игра во Париз.
„Олимписките игри и Ју-Ес опен се двете главни цели до крајот на годината. Се надевам дека ќе можам да бидам на моето ниво на тие два турнири. Пласманот во финалето на Вимблдон ми дава самодоверба, но по мечот со еден од најдобрите во светот чувствувам дека не сум на тоа ниво, за да ги победам. Треба да играм многу подобро од денеска“, дополни тој.