Рекордерот по освоени Гренд слем титули, Новак Ѓоковиќ и официјално се повлече од учество на „Ролан Гарос“. Ова го соопштија организаторите на турнирот. Причината е скинат медијален менискус на десното колено, повреда што светскиот рекет број 1 ја заработи на осминафиналето против Франциско Серундоло.
И покрај оваа повреда, Ѓоковиќ направи епски кам-бек од 1:2 до 3:2 сетови и го доби вчерашниот меч против Аргентинецот за 4 часа и 39 минути. Утре, 37-годишниот ветеран требаше да се соочи со Каспер Руд во четвртфинален судир во повторување на минатогодишната битка за трофејот на турнирот. Денес, пак, лидерот во светската ранг-листа го откажа тренингот и беше подложен на нуклеарна магнетна резонанца. За жал, прегледот ја потврди сериозноста на повредата и дојде до откажување на Србинот од турнирот.
Така, Новак сигурно нема да може да ја одбрани минатогодишната титула во Париз, ниту да го освои рекордниот 25. Гренд слем трофеј во ова издание на „Ролан Гарос“. Тоа значи дека ќе загуби цели 1.600 поени од салдото на турнејата и ќе му го отстапи првото место во светот на актуелниот број 2 Јаник Синер од следната недела.
Од друга страна, 22-годишниот тенисер ќе стане првиот Италијанец во историјата на врвот на АТП листата.