Ѓоковиќ по повредата на коленото: Не сум сигурен дека ќе можам да играм во четвртфиналето

Светскиот рекет број 1, Србинот Новак Ѓоковиќ изјави дека не е сигурен дали ќе може да го одигра четвртфиналниот натпревар во среда на Ролан Гарос поради повредата на десното колено што ја заработи при победата со 6-1, 5-7, 3-6, 7-5, 6-3 против Аргентинецот, Франциско Черундоло.

„Последниве неколку седмици чувствував мала непријатност во десното колено, но ништо загрижувачки. Играв турнири со него и тоа не беше ништо до денеска. Но во третиот гем од вториот сет се лизнав и тоа влијаеше на моето колено”, опиша Ѓоковиќ во понеделникот позавршувањето на напорниот дуел.

„Не знам што ќе се случи утре или задутре или дали ќе можам да излезам на теренот и да играм“, изјави српскиот тенисер и додаде дека успеал да го заврши мечот благодарение на антивоспалителни лекови.

Ефектот почна да се чувствува по 45 минути „односно кон крајот на четвртиот сет“ кога Ѓоковиќ можеше послободно да се движи.

„Го одиграв целиот петти сет без речиси никакви болки. Но, ефектите од лековите ќе исчезнат. Другите тестови ќе ги направиме во вторник“, додаде тој, истакнувајќи дека тестовите направени веднаш по натпреварот биле „делумно позитивни, но исто така загрижувачки“.

Ѓоковиќ, кој мора да стигне до финалето за да ја задржи позицијата тенисер број еден во светот, во четвртфиналето треба да игра против седмопласираниот Норвежанец – Каспер Руд, кого лани го победи во финалето.